ЕИБ: Европа мора да го искористи сопствениот минерален потенцијал, Иловица меѓу најзначајните македонски проекти

Европската инвестициска банка (ЕИБ) повикува на забрзување на геолошките истражувања и развојот на нови рударски проекти во Европската Унија, оценувајќи дека континентот располага со значаен, но недоволно искористен минерален потенцијал.

Во најновиот технички извештај „Предизвици и решенија за истражувањето на минерали во Европа“, ЕИБ укажува дека деценискиот недостиг од инвестиции во геолошки истражувања резултирал со мал број истражени проекти кои се подготвени да преминат во рударска фаза.

„Оваа студија покажува дека Европа има значаен сопствен минерален потенцијал, кој би можел да игра многу поголема улога во зајакнувањето на нашата безбедност при снабдувањето. Предизвикот е да се создадат услови што ќе овозможат овој потенцијал да биде откриен и развиван одговорно. Тоа значи подобри геолошки податоци, побрзо и попредвидливо издавање дозволи и финансиски алатки што помагаат да се привлечат приватни инвестиции во високоризичен, но стратешки важен дел од вредносниот синџир“, изјави потпретседателката на Европската инвестициска банка, Никола Беер.

Од ЕИБ како примери за земји кои активно го развиваат својот минерален потенцијал ги посочуваат Финска и Шведска, додека во извештајот се препорачува и поголема мобилизација на капиталот за истражување, зајакнување на геолошката наука и развој на рударски иновации и примена на современи технологии.

Во македонски услови, еден од позначајните истражени минерални потенцијали е бакарот во Иловица. Проектот, според податоците наведени во материјалот, сè уште не е реализиран иако дозволата за детални геолошки истражувања на локалитетот била издадена во 2004 година.

Истражувањата покажале потенцијал за експлоатација од 10 милиони тони руда годишно, додека тестирањата потврдиле искористување од 84 проценти за бакарот. Просечното годишно производство е проектирано на 16.000 тони бакар.

Во предфизибилити студијата биле утврдени 237 милиони тони ресурси и 225 милиони тони руда во резерви, во кои се проценува присуство на околу 410.000 тони бакар. Предвидениот животен век на рудникот е 23 години.

ЕИБ во својот извештај посочува дека меѓу главните пречки за развој на минералните истражувања во ЕУ се сложените и фрагментирани системи за дозволи, долгите процедури за одобрување, ограничената јавна свест за значењето на критичните суровини, нецелосното или застарено геолошко мапирање и недоволните финансиски стимулации за проектите во рана фаза.

„Студијата идентификува и неколку пречки што го ограничуваат истражувањето во ЕУ: сложени и фрагментирани системи за дозволи, долги периоди на одобрување, ограничена јавна свест зошто критичните суровини се важни, нецелосно или застарено геолошко мапирање, премалку мали компании за истражување способни да преземат ризик во рана фаза и недоволни финансиски стимулации за проекти во рана фаза“, наведува ЕИБ.

Според Банката, без континуирани геолошки истражувања нема основа за создавање нови рудници, домашна понуда на минерални суровини и доволен број проекти кои би можеле да привлечат инвестиции во подоцнежните фази.

Во извештајот се наведува дека само околу еден од 10.000 рани потенцијални истражувачки проекти и еден од 1.000 понапредни истражувачки проекти на крајот стануваат оперативни рудници.

ЕУ постави цел до 2030 година најмалку 10 проценти од годишната потрошувачка на стратешки суровини да се обезбедува преку домашен ископ. За да се поддржи остварувањето на оваа цел, ЕИБ проценува дека годишните средства за истражување на минерали во ЕУ треба да се зголемат од сегашните околу 200 милиони евра на приближно 2 милијарди евра, односно десеткратно во следните пет години.

Со тоа, како што се наведува во извештајот, европските инвестиции во минерални истражувања би ги надминале актуелните нивоа на Канада и Австралија, кои се меѓу водечките светски рударски сили.

ПР

Scroll to Top