Пратката со повеќе од 324 килограми марихуана била сокриена во бали со рециклирана хартија, а случајот се поврзува со организирана мрежа која делувала меѓу Македонија, Грција и Турција. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против едно лице, кое во меѓувреме доби 30-дневен притвор.
Според Обвинителството, осомничениот од февруари до 14 август годинава, заедно со уште тројца осомничени против кои постапка се води во Грција, организирал набавка, чување и транспорт на марихуана со вкупна нето-маса од 324 килограми и 474 грама, со намера дрогата да биде продадена и пуштена во промет.
Кон крајот на февруари осомничениот набавил товарно возило, а на почетокот на март и приколка. Потоа организирал превоз на рециклирана пресувана хартија од Македонија кон Турција, преку Бугарија.
Откако ги завршил царинските формалности, на 8 март го напуштил македонскиот граничен простор, но наместо кон Турција, се упатил кон Грција. Таму возилото и приколката ги оставил на изнајмен затворен плац во Солун.
На плацот се сретнал со двајца од осомничените кои се опфатени со постапка во Грција и договорил натамошен транспорт на марихуаната, која требало да биде сокриена во товарот со рециклирана хартија.
Според истрагата, од 11 до 14 август двајца од осомничените, заедно со други засега непознати лица, ја сокриле марихуаната во претходно направени отвори во балите со рециклирана хартија.
Случајот бил откриен на 14 август во рамките на акцијата „Вардарис“, кога грчката полиција лишила од слобода двајца осомничени и извршила претрес на изнајмениот плац. Таму била пронајдена приколката, од која претходно биле отстранети регистарските ознаки.
Во четири палети во задниот дел од приколката и во уште четири палети пред неа биле пронајдени 324 килограми и 474 грама марихуана.
Македонскиот јавен обвинител проценил дека осомничениот може да избега доколку се брани од слобода, да влијае врз соучесници и сведоци или да го повтори кривичното дело. Поради тоа, до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје бил доставен предлог за притвор.
Судијата го прифатил предлогот и му определил 30 дена притвор.







