Мечка усмрти маж во Ново Мексико, прв смртоносен напад по 25 години

Маж загина во напад на мечка во местото Кристал, во американската сојузна држава Ново Мексико, соопшти Полициската управа на народот Навахо.

Пријавата за нападот била примена околу 13 часот, по што полициски службеници од округот Виндоу Рок излегле на терен.

Според полицијата, службениците пукале кон мечката, но таа успеала да избега во блиската шума. Подоцна животното било пронајдено и усмртено.

„Сочувствуваме со семејството на жртвата во овие тешки моменти“, соопшти полицијата на Навахо.

На местото излегле и истражители, како и службеници задолжени за заштита на дивиот свет. Идентитетот на загинатиот маж, како и видот на мечката, засега не се објавени. Полицијата упати апел до граѓаните да не им се приближуваат на потенцијално опасни диви животни.

„Ако забележите мечка, јавете се во најблиската полициска станица“, порачаа надлежните.

Според официјалните податоци, ова е прв смртоносен напад на мечка во Ново Мексико од 2001 година.

Во тој случај, кој според Асошиејтед прес бил прв смртоносен напад од ваков тип во државата во претходните сто години, загинала Аделија Трухило. Таа била нападната во својот дом од машка мечка тешка околу 115 килограми.

Во 2020 година, исто така во Ново Мексико, мечка нападнала 37-годишна жена во Лос Аламос. Жената се здобила со повеќе скршеници, колабирано белодробно крило, како и повреди од каснувања и гребаници, но го преживеала нападот.

Смртоносните напади на мечки во Северна Америка се исклучително ретки и годишно се регистрираат само неколку вакви случаи. Според податоците на американската Служба за национални паркови, ризикот човек да биде повреден од мечка е околу еден на 2,1 милион.

Scroll to Top