На повидок пресвртница во фудбалот, Диара го лансира новиот Босман

Организацијата „Правда за играчите“ ја тужи ФИФА, тврдејќи дека правилата за трансфери ги кршат работничките права на играчите и нивната слобода на движење.

Во Холандија е поднесена тужба која би можела да ги промени правилата на играта. Организацијата „Правда за играчите“ ја тужи ФИФА, тврдејќи дека правилата за трансфер ги кршат работничките права на играчите и слободата на движење. Ова е борба што ги надминува границите на спортот, за правото на фудбалерите сами да управуваат со своите кариери.

Преседан веќе беше поставен во 2024 година, кога Европскиот суд на правдата застана на страната на Ласана Диара. Тој еднострано го раскина договорот во 2014 година, а ФИФА го казни и побара обештетување според член 17 од своите правилници.

Овој член предвидува дека играчот кој го раскинува договорот без согласност на својот клуб мора да плати обештетување и ризикува суспензија. Сепак, судот утврди дека правилата ги кршат законите на ЕУ за слобода на движење на работниците и правилата за фер конкуренција.

Токму ставот на овој суд ја отвори вратата за „новиот Босман“. Исто како што познатата пресуда од 1990-тите им даде право на играчите слободно да се движат во други клубови по истекот на нивните договори, овој нов процес го доведува во прашање целиот систем на обештетување и санкции што клубовите и ФИФА им ги наметнуваат на играчите.

Доколку судот потврди дека правилата на ФИФА се спротивни на европското право, играчите би добиле многу поголема слобода на преговори и движење, додека клубовите би изгубиле важен извор на контролата и приходите.

Европа веќе зборува за „нов Босман“, а исходот од овој случај би можел засекогаш да го промени балансот на моќта во фудбалот.

Фото/ Принтскрин

Scroll to Top