Со јубилејниот концерт по повод 30 години постоење на битолската група „Фолтин“ ќе се спушти завесата на годинашното битолско културно лето „Бит Фест“.
Ова беше повод за денешната прес конференција на која присуствуваше и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, кој истакна дека оваа година за прв пат Културниот и информативен центар го организираше „Бит Фест“, за што им честиташе. Честитки упати и за тоа што прв пат се случи, односно се организираше фестивалот „Битолски чалгиски денови“ каде звукот на чалгијата и радоста одекнаа од Старата чаршија.
„Интересот и присутноста на публиката на секој настан, големите аплаузи беа награда за уметниците, но и за Културниот и информативен центар кој го реализираше овој фестивал со поддршка на Општина Битола. Разиграно и распеано беше на повеќе локации, овде пред и во Офицерскиот дом, Хераклеја, Широк сокак, Старата чаршија, Пациото, Центарот за култура, театарот. Освен битолчани, програмата беше привлечна и за туристите кои ја посетија Битола и за бројните иселеници кои летово беа дојдени во родниот крај. Она што ме радува е што Битола има традиционални летни фестивали кои од година во година стануваат се подобро и подобри и под чадорот на препознатливиот „Бит Фест“ ја негуваат културата, традицијата, уметноста. Најдоброто домашно, балканско, европски и светско беше во Битола, а токму сите тие се нашите најголеми културни и уметнички амбасадори“, истакна градоначалникот на Битола.
Директорот на КИЦ, Димитар Михајловски, рече во изминатите два месеци се одржаа над 70 настани, а бројот на посетители е над 21.000.
„КИЦ се докажа како сериозна институција за организација на големи настани кои се дел од еден фестивал како што е „Бит Фест“. Како што започнавме со големо отворање со мјузиклот „Као какао“, продолживме со бројни настани и фестивали кои беа дел од „Бит Фест“, за прв пат го почнавме и промовиравме „Битолскиот чалгиски фестивал“ со кој воедно го промовиравме Битолскиот чалгиски оркестар. Така и ќе завршиме со големо свечено затворање на нашиот битолски бренд групата „Фолтин“ која слави 30 години од своето постоење“, рече Михајловски.
Тој го најави гостувањето на претставата „УНА“ на Звездара театарот од Белград, Србија на 10. септември во театарот во Битола и концертот на групата „Мизар“ на платото на Офицерскиот дом на 13-ти септември.
Од групата „Фолтин“ велат дека некои градови имаат публика, а Битола има соучесници.
„Триесет години заедно растевме, се менувавме и се среќававме на концерти. Од клубови до театри. Од мали сцени до „Хераклеја“. Од неколкумина љубопитни до генерации луѓе што ги знаат песните наизуст. Ова лето повторно ќе се сретнеме. И чест ни е што токму со нашиот концерт за одбележување на 30 години концерти на „Фолтин“ ќе биде завршниот акорд на „Бит Фест 2026“, е пораката на групата „Фолтин“, која на градоначалникот Коњановски му подари винил плоча.
Свеченото затворање со концертот на „Фолтин“ е на 29 август од 20:00 часот на „Хераклеја“.







