Петрушевски: Дата центрите се капитално интензивни инвестиции, тоа значи нови услуги, знаења и диверзификација на економијата

„Македонија не смее да ја пропушти новата индустриска револуција! Како инженер по информатика, а денес и како пратеник, на дата центрите гледам како на критична инфраструктура за иднината на Македонија. Прашањето не е дали светот ќе користи дата центри. Ќе користи! Прашањето е: дали Македонија ќе биде дел од таа инфраструктура или ќе плаќа на други држави за нивните услуги?“, пишува Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ, на социјалните мрежи.

„Европскиот пазар на дата центри е огромен и расте со развојот на cloud технологиите, AI и дигиталните услуги. Затоа Македонија треба да гради и да привлекува дата центри. Тие се инфраструктурата на иднината.

Cloud, AI, дигиталните услуги и сајбер-безбедноста зависат од физичка инфраструктура. Ако немаме сопствена сериозна дата инфраструктура, ќе бидеме корисници на туѓа. Затоа е важно што државата го поставува Националниот дата центар како основа за government cloud, поголема сајбер-безбедност и развој на AI.

Македонија може да стане регионален дигитален хаб. Имаме поволна геостратешка положба, оптичка поврзаност и пристап до европската електроенергетска мрежа преку ENTSO-E. Тоа се сериозни предуслови за привлекување на вакви инвестиции.

А дата центарот не е само зграда со сервери. Околу него се создава цел екосистем: ИТ инженери, cloud инженери, cyber-security експерти, систем администратори, електроинженери, телекомуникациски компании, градежни компании, компании за електро-монтажни работи, ладење, одржување, логистика, физичко обезбедување и консалтинг.

Дата центрите можат да донесат сериозен странски капитал. Тие се капитално интензивни инвестиции. А кога една земја ќе стане погодна локација за ваква инфраструктура, таа станува поатрактивна и за други компании кои зависат од неа.

Тоа значи инвестиции, нови услуги, нови знаења и диверзификација на економијата.

А можеби најважното, Македонија мора да биде подготвена за AI. Дата центрите се едни од клучните инфраструктури за следните 10 години.

AI бара огромна процесорска моќ, податоци и инфраструктура за нивна обработка.

Ако сакаме Македонија да има сериозна AI индустрија, стартапи, истражување и напредни дигитални услуги, мора да имаме каде физички да се извршуваат тие процеси.

И да, дата центрите трошат многу енергија. Токму затоа треба да ги искористиме како катализатор за нова енергетска инфраструктура.

PPAs со обновлива енергија, батериски системи за складирање и паметно управување со потрошувачката можат да поттикнат нови инвестиции во обновливи извори и модернизација на електроенергетската мрежа.

Затоа мојот став е јасен:

Не треба да бидеме против дата центрите. Треба само да бидат добро планирани и во рамките на сите утврдени стандарди.

Со јасни правила за енергија, вода, инфраструктура, сајбер-безбедност и економска корист за државата, дата центрите можат да ја направат Македонија посилна: економски, енергетски и дигитално.

Не смееме да ја пропуштиме новата индустриска револуција. Македонија мора да биде дел од неа.

На крај ќе бидам директен: оние кои се против дата центри во Македонија, се против развојот на Македонија“, пишува Петрушевски.

Scroll to Top