(Видео) Џип со туристи падна во река полна со крокодили во Танзанија

Сафари-возило со швајцарски туристи кои ја набљудувале Големата миграција на животните во Танзанија падна во реката Мара, позната по големиот број крокодили. Инцидентот се случил во неделата попладне во Националниот парк Серенгети, а бил снимен од луѓе во друго возило.

На снимката се гледа како џипот со голема брзина се движи по нерамен терен. Во еден момент возилото се занело и од него испаднала жена. Додека таа се обидувала да стане, на само неколку метри од крокодилите и гнуата, возилото неконтролирано продолжило кон реката и завршило во водата, при што испаднале уште неколку патници.

Управата на националните паркови на Танзанија (ТАНАПА) соопшти дека никој не бил повреден. Во возилото имало четворица швајцарски туристи и возач и сите успеале безбедно да излезат од реката.

ТАНАПА ги повика возачите, посетителите и туристичките агенции строго да ги почитуваат правилата за преминување на реките и упатствата на надзорниците.

Според очевидци, несреќата се случила бидејќи сафари-водичот брзал за да им овозможи на туристите подобар поглед на гнуата кои ја преминувале реката Мара. Локалниот „Танзанија тајмс“ пишува дека сафари-возачите често се натпреваруваат кој прв ќе стигне до животните и ќе им обезбеди најдобра позиција на туристите.

Големата миграција во Источна Африка е еден од највпечатливите природни настани, при кој милиони гнуа се движат низ Серенгети, а преминувањето на реките полни со крокодили е еден од најопасните делови од нивниот пат.

Scroll to Top