Американскиот пејач Лајонел Ричи е пуштен од болница на домашно лекување, откако бил хоспитализиран најверојатно поради дехидратација.
Пејачот, познат по хитовите „Хелоу“ и „Ол најт лонг“, од претпазливост самиот се пријавил во болница откако за време на настап во Сент Луис викендов почувствувал слабост, поради што морал да пее седејќи на стол, пишува „Еј-би-си њуз“.
Хоспитализацијата на Ричи следува повеќе од два месеца откако на 24 јуни почувствувал вртоглавица на сцената за време на првата вечер од неговата турнеја со „Ерт, винд енд фајр“ во Минесота.
На неколку видеа објавени на социјалните мрежи се гледа како Ричи настапува седејќи за време на концертот.
Потоа ги одложил концертите во Колумбус, Охајо, и Чикаго, откако лекарите го советувале да одмори.
Ричи во октомври и ноември треба да одржи концерти во Лас Вегас.







