Шведскиот фудбалер Александер Исак вчера за прв пат јавно проговори за својата желба да го напушти Њукасл. Исак меѓу другото напиша дека клубот го прекршил ветувањето, па доби остар одговор.
„Кога ветувањата се прекршуваат и довербата се губи, односот не може да продолжи. Цврсто верувам дека промената е во најдобар интерес на сите, не само на мене. Така стојат работите во моментов, според мене“, напиша Исак на социјалните мрежи, откако од колегите фудбалери беше избран во идеалниот тим на Премиер лигата за сезоната 2024/2025.
Њукасл веднаш потоа објави соопштение во кое го осудува потегот на Исак.
„Разочарани сме што дознавме за објавата на Александер Исак преку социјалните мрежи. Јасно велиме дека Алекс останува под договор и дека ниту еден клупски лидер никогаш не му дал ветување дека може да си замине ова лето“, се вели во соопштението на Њукасл.
Тие додадоа дека ги штитат интересите на клубот.
„Условите за неговата продажба ова лето не се исполнети и не очекуваме тоа да се промени. Алекс е дел од нашето семејство и ќе биде добредојден кога ќе им се придружи на своите соиграчи“, рекоа од „Сент Џејмс Парк“.
Њукасл одби две понуди од Ливерпул за Исак, а последната наводно изнесува 140 милиони евра.
До крајот на преодниот рок остануваат уште 11 дена.
Исак: Кога ветувањата се прекршени, врската не може да продолжи