(Видео) Митева: Од 8 активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши 3 во полза на Македонија

Од осум активни меѓународни арбитражи, оваа Влада успешно заврши три во полза на Македонија, соопшти портпаролката на Владата, Марија Митева.

„По вчерашната информација дека Македонија го доби случајот познат како Казандол и заштеди 115 милиони евра, пари на граѓаните, цениме дека јавноста има потреба да ги знае работите кои согласно класификацијата на доверливост можат да се споделат во јавноста. Оваа победа не е само правен успех, туку јасна порака дека државата може да ги брани своите интереси кога настапува организирано, со посветеност и со сериозна работа“, рече Митева.

За обвинувањата од СДСМ дека оваа арбитражна постапка била добиена и завршена уште во 2023 година кога тие биле дел од Владата, Митева побара да одговорат прво зошто во 2023 во првата половина од месец април во Виена се водени преговори за можна спогодба со Казандол помеѓу претставници од владата и претставници од страна на тужителите и второ, зошто тогаш оваа влада носи одлука и зазема став да ја одбие предложената спогодба?

„Генералната состојба е следна – со доаѓањето на новата Влада во јуни 2024, владата наследи 8 активни меѓународни арбитражни постапки, што претставува рекорден број на активни арбитражни постапки во даден момент, од кои 3 постапки беа инвестициски спорови и 5 трговски спорови, како и најава со опомени пред тужби за најмалку уште 4 постапки. Во сите активни арбитражни постапки потенцијалната штета по буџетот на државата беше во износи од 865 милиони евра, плус трошоци во постапките“, рече Митева.

Таа праша зошто токму во периодот на претходната влада биле отворени толку многу меѓународни спорови, дали всушност се создавал терен за вонсудско решавање на споровите и начин за испумпување на пари од буџетот на граѓаните.

Митева рече дека Владата на ВМРО-ДПМНЕ има успешно завршено вкупно 3 арбитражни постапки во полза на Македонија и е направена заштеда на буџетот во износ од околу 565 милиони евра, и дополнително за овие 14 месеци нема нови отворени постапки.

Постапките кои се завршени се арбитражна постапка позната како Казандол против Македонија со вредност од околу 115 милиони евра, арбитражна постапка позната како САСА против Македонија, со вредност од 445 милиони евра и арбитражна постапка ГАМА против Македонија, со вредност од над 5 милиони евра.

Scroll to Top