Клековски и Мицкоски не менаџираат со здравствената криза од западнонилска треска. Македонија е на првото место во Европа по бројот на заболени во однос на бројот на жители, пред земји како Италија, Грција и Романија, изјави Рената Младеновска, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, институциите задоцниле со реакцијата, а навреме не било спроведено ниту прскањето против комарци.
„До 1 септември регистрирани се вкупно 56 случаи на западнонилска треска, а седум лица починаа. Не функционира системот за превенција, заштита и контрола на вектор-преносливите болести. Не функционираат градоначалниците на ВМРО-ОКГ. Не функционираат здравствените институции“, рече Младеновска.
Таа потсети дека СДСМ претходно барал системски мерки, Национален штаб, ентомолошки мониторинг и национална карта на ризик, но, како што рече, власта ги игнорирала овие барања.
Младеновска направи паралела и со здравствената криза со водата во Гостивар, тврдејќи дека и тогаш институциите задоцниле со реакцијата.
„Со западнонилската треска повторно гледаме задоцнета реакција откако бројот на заболени и починати веќе порасна. Истиот модел, истиот институционален хаос“, рече таа.
Од СДСМ велат дека задачата на институциите е да превенираат, контролираат и навремено да реагираат за да го заштитат населението и побараа одговорност за справувањето со ситуацијата.
„Кога системот не функционира, кога превенцијата доцни, кога институциите молчат и кога никој не презема одговорност, цената ја плаќаат граѓаните. Со своето здравје, а за жал, и со своите животи. Одговорност мора да има“, порача Младеновска.







