Загадувањето на воздухот предизвикано од сè поинтензивните шумски пожари и топлотни бранови може да ги загрози глобалните напори за подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на здравјето, предупреди Светската метеоролошка организација (СМО).
Во годишниот извештај за квалитетот на воздухот и климата се наведува дека шумските пожари стануваат сè поголем извор на штетно загадување. Особено загрижува зголеменото присуство на ситните честички ПМ2,5 и приземниот озон, кои се поврзуваат со респираторни и кардиоваскуларни заболувања.
Според студија наведена во извештајот, бројот на екстремни настани со чад од пожари на глобално ниво е тројно зголемен од 1990-тите. Се проценува дека тие придонеле за речиси 100.000 дополнителни смртни случаи годишно во периодот од 2010 до 2018 година.
Од СМО предупредуваат дека климатските промени дополнително го влошуваат проблемот, бидејќи екстремните горештини и шумските пожари стануваат почести и поинтензивни.







