Ова е втора арбитража која што оваа влада ја добива и очекуваме барем уште две во периодот кој што следи, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање што подразбира одлуката за Казандол.
Премиерот Мицкоски посочи дека треба да се истражи како минатите арбитражни постапки се губеле и се одлевале огромни суми од државниот буџет, а сега истите тие се добиваат.
„Вистинското прашање е како во минатото беше пракса да се губат арбитражите и како сега наеднаш тие се добиваат во полза на државата. Треба тоа да се истражи, да видиме зошто тоа се случувало во минатото, да ние направивме одредени промени во адвокатскиот тим, но некако симптоматично е како во минатото се губеа сите арбитражи, а сега ги добиваме“, рече тој.
Во однос на шпекулациите, Мицкоски истакна дека не е точно дека после арбитражната постапка повторно ќе се отвори рудникот Казандол.
„Причина за да се случи оваа арбитража е раскинатата концесија од страна на владата за формирање на рудникот Казандол. Сопствениците на инвестицијата почувствувале дека имаат изгубен профит, имаат штета и покренале арбитража против државата во вредност од 115 милиони евра, односно имале оштетно побарување од 115 милиони евра. И го изгубија. И тоа значи дека тие веќе немаат концесија. Така што не е вистина дека со ова што компанијата изгубила сега веќе ќе има отворање на рудникот. Тоа е повторно конструкција и обид за манипулација од одредени кругови кои не и мислат добро на Македонија и граѓаните“, рече Мицкоски.