Изложба во Јавна соба „Од цитат кон толкување“: Љупчо Јованов – Љубац за симболите, слободата и внатрешната светлина

Во Јавна соба (Public Room) , вечерва (7 септември) со почеток во 20 часот, ќе биде отворена изложбата „Од цитат кон толкување“ на уметникот и архитект Љупчо Јованов – Љубац.

„Од цитат кон толкување“ е изложба која не се стреми ниту кон славење ниту кон осуда на одреден историски или идеолошки систем. Напротив, таа отвора простор за размислување за симболите, нивните значења и начинот на кој човекот ги доживува, препознава и повторно ги толкува.

Пристапот во изложбата е гностички, но нејзиниот фокус е пред сè насочен кон поединецот, кон човекот и неговата вечна потрага по слобода, достоинство и еднаквост, како и кон внатрешната светлина што постојано тежнее кон повторно поврзување со изворот.

Преку своето авторско видување, Љупчо Јованов – Љубац ги преиспитува воспоставените значења и ги поставува симболите во нов контекст, оставајќи простор гледачот самиот да го продолжи процесот на толкување. Изложбата така станува своевиден дијалог меѓу авторот, делото и оној што го набљудува.

Љупчо Јованов е роден на 28 јануари 1974 година во Скопје. Моментално работи како редовен професор во областите архитектура, урбанизам и дизајн на планирање на Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ Колеџ Скопје.

Покрај архитектурата, Јованов активно се занимава и со сценографија за театар и филм, како и со објавување научни и стручни книги од областа на театарот и архитектурата. Автор е и на новели и графички романи.

Авторски публикации:

· „Архитектура на сценскиот простор“ – Факултет за драмски уметности, Скопје

· „Дневникот на еден убиец“ – Култура, Скопје

· „Тотемски жртвувања“ – Темплум, Скопје

Изложби:

· „3×3“ – SK02, Скопје, 2024

· „Профанити“ – SK02, Скопје; Вестин, Загреб, 2025

· „Сите светци“ – SK02, Скопје; Магаза, Битола, 2026

Изложбата „Од цитат кон толкување“ е покана за гледачот да не остане само на првичното значење на виденото, туку да влезе во сопствен процес на преиспитување, читање и толкување.

Отворање: вечерва во 20:00 часот.

Scroll to Top