(Видео) БиХ ги повлекува вработените од амбасадата во Србија: „Ги намалуваме односите на минимум“

Министерот за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Елмедин Конаковиќ, објави дека ќе ги повлече сите вработени од амбасадата во Белград, со исклучок на амбасадорот и конзулот. Одлуката е донесена како одговор на постапките на Србија по смртта на Ратко Младиќ, поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС) осуден за воени злосторства, а целта е односите меѓу двете земји да се сведат на најниско можно ниво, објави nova.rs.

Односите со Србија на минимум
Конаковиќ на прес-конференција објасни дека нема овластување да ги отповика амбасадорот и конзулот, бидејќи нивното назначување е во надлежност на Претседателството на БиХ. Сепак, тој ќе ги повлече сите други дипломатски вработени, а нивните должности ќе ги преземат вработените од амбасадите во Црна Гора и Хрватска.

„Да можев, веднаш би ги прекинал дипломатските односи со Србија уште денес. Она што можам да го направам е да работам на намалување на односите на минимум. Ќе ги отфрлам и прекинам сите комуникации со нив. Ќе ги повлечеме сите луѓе што можеме и ќе ги префрлиме конзуларните должности во Загреб и Подгорица. Со ваков режим ние нема да ги повторуваме истите грешки. Со Србија, се додека не се промени, нема да имам билатерален состанок. Никакви разговори за економска соработка или било што со Србија, додека сум јас тука, нема да има. Нашиот однос се менува потполно“, рече министерот.

Како причина за вонредната конференција, Конаковиќ го наведе погребот на воен злосторник и реакцијата на властите во Србија, пред сè на претседателот Александар Вучиќ и неговите соработници. Тој го опиша денешниот ден како „депресивен и тежок“.

Scroll to Top