Карпош продолжува со контроли на квалитетот на амбиенталниот воздух

Општина Карпош продолжува со активностите за следење и оценување на квалитетот на амбиенталниот воздух на својата територија, во насока на навремено идентификување на потенцијалните извори на загадување и заштита на животната средина.

„Во рамки на активностите, стручни лица од лиценцирана фирма којашто ја ангажираше Општина Карпош, извршија мерења на квалитетот на воздухот на неколку локации низ општината. Мерењата се реализираа во присуство на овластен инспектор за животна средина од Општина Карпош.

По добивањето на официјалниот извештај и анализата на резултатите од извршените мерења, доколку бидат констатирани неправилности, надлежните ќе преземат соодветни мерки и активности, согласно законските овластувања“, велат од Општината.

Општина Карпош потенцира, дека контролата и следењето на состојбата со амбиенталниот воздух претставуваат важен дел од заложбите за создавање почиста и поздрава животна средина.

Локалната самоуправа упатува апел до сите правни и физички лица, доследно да ги почитуваат мерките и законските обврски за заштита од загадување, со заедничка одговорност кон животната средина. Единствено со таков пристап би сé подобрил квалитетот на воздухот, кој има директно влијание врз здравјето на граѓаните, се додава во соопштението на Општина Карпош.

Scroll to Top