Трамп: Иран веројатно е одговорен за нападот врз саудискиот нафтовод

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Иран веројатно е одговорен за воздушниот напад врз Саудиска Арабија, поради кој беше затворен нафтоводот Исток-Запад, една од главните рути на кралството за извоз на сурова нафта што овозможува заобиколување на Ормуската Теснина.

– Мислам дека се тие, веројатно се тие – им рече Трамп на новинарите во Даблин, одговарајќи на прашањето дали Иран стои зад нападот врз клучниот нафтовод.

Американскиот претседател додаде дека јеменските Хути, кои се поврзани со Иран, контактирале со неговата администрација и дале до знаење дека не сакаат Соединетите Американски Држави директно да се вклучат во конфликтот.

– Тие многу повеќе би сакале ние да не бидеме вклучени. Тие ги пропуштаат повеќето бродови. Постои само една земја со која не се баш задоволни, а тоа ќе го решиме –  нагласи Трамп.

Тој исто така соопшти дека за целата ситуација разговарал со саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман, кого го опиша како свој „добар пријател“.

Scroll to Top