(Видео) Зеленски објави снимка од голема ноќна операција: уништени се авиони и хеликоптери

Украинскиот претседател Володимир Зеленски објави снимки од напади со беспилотни летала врз рафинерија за нафта во Русија и врз авиони на аеродром во Ростов. Ударите, изведени во текот на ноќта, биле дел од заедничка операција во која учествувале повеќе украински служби, а беа потврдени и од Генералштабот на вооружените сили на Украина, пренесува „Украинска правда“.

Зеленски сподели детали за операцијата во објава на социјалната мрежа „Икс“.

„Синоќа, во заедничка операција на Службата за безбедност на Украина, Силите за беспилотни системи и службите за воено и надворешно разузнавање, беше погодена рафинерија за нафта во Јарослављ. Службата за безбедност исто така изведе прецизен удар врз воен аеродром во Ростов – потврдено е оштетување на еден авион ’Ан-12‘, два авиона ’Ан-26‘ и три хеликоптери. Добри резултати беа забележани и во Црното Море“, се наведува во објавата.

Генералштабот на вооружените сили на Украина подоцна извести за последиците од нападите. Погоден беше аеродромот „Ростов-на-Дон“ (Централен) во руската област Ростов, при што на лице место беа пријавени пожар и детонации. Според нивните податоци, потврдено е уништување на два транспортни авиони „Ан-26“, еден транспортен авион „Ан-12“ и три хеликоптери.

При нападот врз рафинеријата за нафта „Славњефт-ЈАНОС“ во областа Јарослављ, погодена беше единицата за примарна дестилација на нафта, што предизвика пожар.

Scroll to Top