Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски на 18 и 19 септември 2026 година во Копенхаген, Данска, ќе учествува на конференција на Воениот комитет на НАТО на ниво на началници на Генералштабови.
Со состанокот ќе претседава претседателот на Воениот комитет на НАТО, адмирал Џузепе Каво Драгоне. На настанот ќе присуствуваат и врховниот командант на Сојузничките сили за Европа, генерал Алексус Г. Гринкевич, како и врховниот командант на Сојузничките сили за трансформација, адмирал Пјер Вандие.
Началниците на Генералштабовите на сите земји членки ќе разговараат за актуелните безбедносни предизвици и стратешки прашања од значење за Алијансата, со посебен фокус на спроведувањето на заклучоците од Самитот на НАТО во Анкара.
Воениот комитет се состанува на ниво на началници на Генералштабови двапати годишно во седиштето на НАТО во Брисел. Дополнително, еднаш годишно една од сојузничките земји е домаќин на Годишната конференција на Воениот комитет, која годинава се одржува во Данска.







