Куба остана без струја, целосно падна електроенергетската мрежа

Кубанската електроенергетска мрежа денеска повторно целосно падна, оставајќи без струја речиси целата островска држава со околу девет милиони жители, соопшти кубанското Министерство за енергетика.

Причината за денешниот колапс засега не е објавена. Станува збор за уште еден во низата целосни падови на националниот електроенергетски систем во време кога Куба се соочува со најголемата енергетска криза во последните неколку децении.

Електроенергетскиот систем на земјата долго време работи на границата на своите можности. Термоелектраните се стари, дефектите се чести, недостигаат резервни делови, а земјата нема доволно гориво и средства за посериозна модернизација. Дури и кога мрежата функционира, повеќечасовните рестрикции се секојдневие за голем дел од населението.

Кризата дополнително се влоши годинава по засилениот американски притисок врз испораките на нафта за Куба. Кубанската влада за проблемите во голема мера ги обвинува американските санкции и ограничувањето на снабдувањето со гориво, додека критичарите укажуваат и на долгогодишното недоволно инвестирање и лошото управување со системот.

Целосните прекини на електричната енергија годинава станаа чести. На почетокот на јули националната мрежа падна трипати за само девет дена, а нови колапси беа регистрирани и во август.

Големите прекини предизвикуваат проблеми и со водоснабдувањето, работата на болниците, производството на храна, комуникациите и јавниот превоз. Кубанските власти засега не соопштија колку време ќе биде потребно за повторно воспоставување на електроенергетскиот систем.

Scroll to Top