Во „Три сестри“ на Македонскиот народен театар, Дарја Ризова ја толкува Ирина – трагичен лик кој, како што вели, не живее вистински во сегашноста, туку постојано создава проекција за иднината, додека минатото го познава само фрагментарно и преку сеќавањата на другите.
„За неа, минатото е нешто што не го познава доволно, иднината е нешто што никогаш не пристигнува, а сегашноста е само чекална“, вели Ризова.
Тоа чувство, додава таа, не го препознава само кај својот лик.
„Мислам дека е ова едно многу познато чувство, како за мене така и за речиси сите генерации родени овде од осамостојувањето до денес.“
Новата сценска адаптација на „Три сестри“, по текст на Васил Христов и Нела Витошевиќ, е напишана по мотиви на драмата на Антон Павлович Чехов. Ризова ја опишува претставата како прекрасен обид да се изгради засолниште од човечност во свет кој инаку би бил неподносливо празен.
„Понекогаш, налик на филмска нарација, ликовите ги кажуваат и своите мисли. И тоа ги става во еден клаустрофобичен простор, без можност за бегство. Ги принудува да се соочат со себе и со реалноста што ги опкружува“, вели таа.
Особено значајна за Ризова е и соработката со режисерката Нела Витошевиќ, со која, како што вели, конечно добиле можност да работат заедно токму на драма што отсекогаш ја посакувала.
„Со Нела Витошевиќ конечно ни се случи да работиме заедно, и тоа токму на ‘Три сестри’, драма која отсекогаш сум ја посакувала. Навистина ми е драго што токму преку овој проект се споија нашите енергии и нашето видување за современиот театар. За мене, оваа соработка е многу важна, пред сè затоа што беше искрена, со многу љубов, разбирање и почит кон она што го правиме. Во целиот процес имаше многу давање, многу работа, разговори, идеи, непроспиени ноќи и преиспитувања, во кои заедно го баравме вистинскиот пат за создавање на ова дело. Дело полно со многу љубов.“
За режисерскиот пристап на Витошевиќ, таа вели дека им пристапува на ликовите со големо разбирање и создава естетика која не го негира суровиот реалистичен свет на Чехов, туку го прекрива со топли бои на човечност и длабока емпатија.
„Како со насмевка да раскажува многу тажна приказна, само за да ги спречи солзите“, вели Ризова.
Токму тој контраст, додава, меѓу навидум две спротивности, ја прави претставата толку специфична и емоционално силна.
Премиерата на „Три сестри“ е закажана за 25 септември и со неа Македонскиот народен театар ќе ја отвори сезоната. Во претставата настапуваат Дарја Ризова, Наталија Теодосиева, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Благој Веселинов, Емил Рубен, Ивица Димитријевиќ, Нина Деан и Антонио Ташковски. Креативниот тим го сочинуваат сценографот Игор Васиљев, костимографката Роза Трајческа, композиторот Огнен Анастасовски и извршните продуценти Симона Угриновска и Виктор Рубен.
Новата сезона во МНТ носи важна новина за публиката – воведување превод на англиски јазик за дел од претставите во однапред определени термини. На тој начин, театарот станува уште подостапен за странската публика и сите љубители на уметноста кои не го разбираат македонскиот јазик, овозможувајќи им целосно да ја доживеат сценската изведба.
Портретната фотографија е од Кристијан Теодоров
Фотограф на претставата е Кире Галевски.







