(Фото/Видео) Арина Сабаленка дебитираше на модната писта: Ја вжешти атмосферата во Милано во фустан што го истакнува телото

Арина Сабаленка за првпат зачекори на модната писта, блескајќи на Модната недела во Милано во уникатен фустан од „Гучи“.

Овој пат, тенискиот терен беше заменет со модна писта – и тоа онаа во самото срце на Милано. Тениската ѕвезда Арина Сабаленка се појави на спектакуларниот настан „Vogue World“ за време на Модната недела во Милано, докажувајќи дека одлично се снаоѓа во светот на високата мода.

Таа блесна за време на пробите, делувајќи опуштено, а улогата на модел како да ѝ прилега совршено…

Сабаленка прошета по пистата во галеријата „Виторио Емануеле II“ носејќи креација од „Гучи“; избраната комбинација беше фустан што ја следи линијата на телото, со висока јака и во богата нијанса на чоколадо.

Дизајнот совршено ја истакна нејзината фигура, додека едноставниот крој овозможи нејзината силуета и впечатливата боја на фустанот да дојдат до израз.

Нејзиното појавување на пистата не беше случајно. Сабаленка е глобален амбасадор на „Гучи“ уште од јануари и веќе има соработувано со модната куќа на бројни проекти. Таа исто така се појави на насловната страница на списанието „Vogue“, позирајќи во парчиња од овој италијански луксузен бренд.

Нејзиниот настап во Милано беше организиран од креативниот директор Демна Гвасалија, чија работа Сабаленка долго време јавно ја поддржува. Сепак, овој пат таа не само што ја носеше неговата креација, туку стана и дел од модната приказна што се одвиваше на пистата.

Иако сме навикнати да ја гледаме со рекет во рака и во спортска облека, Сабаленка во Милано откри сосема поинаква страна на својот стил. Во елегантен, темен фустан, таа изгледаше како модната писта да е исто толку природна средина за неа, колку и тенискиот терен.

Scroll to Top