Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска, во рамки на официјалното отворање на „Европската ноќ на истражувачите“ во МАНУ – Куќата на науката, официјално ја најави поддршката и покровителството на Министерството и нејзино лично како министер за Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта.
Станува збор за натпревар кој речиси две децении ги поттикнува средношколците да размислуваат иновативно и претприемачки и своите идеи да ги претвораат во конкретни решенија за предизвиците на современото општество. Во последните години натпреварот е целосно насочен кон зелените иновации и развојот на вештини потребни за зелената транзиција.
Настанот се одржува во рамки на „Европската ноќ на истражувачите“, иницијатива која ја приближува науката, истражувањето и иновациите до граѓаните, а особено до младите. Токму од ова место Божиновска испрати порака дека институциите мора да создаваат простор младите идеи да добијат поддршка и можност да се претворат во реални решенија.
„Ако сакаме зелена и одржлива иднина, мора да инвестираме во младите кои ќе ја создаваат. Со ова покровителство застануваме зад нивното знаење, креативност и иновативност и испраќаме јасна порака дека нивните идеи се важни и дека институциите се тука да ги поддржат. Тоа е поддршка на знаењето, иновацијата, претприемништвото и храброста на младите да создаваат решенија“, порача Божиновска.
Во своето обраќање пред претставниците на МАНУ, истражувачите, професорите и наставниците, министерката истакнa дека токму ваквите иницијативи се мостот меѓу науката, образованието, иновациите и реалните потреби на општеството.
„Европската ноќ на истражувачите“ е можност науката да излезе од лабораториите и академските кругови и да стане поблиска до граѓаните, особено до младите. Во време на брз технолошки развој, вештачка интелигенција и нови технологии, Божиновска нагласи дека технологијата сама по себе не е доволна – потребни се знаење, креативност и одговорност за таа да се претвори во вистинска иновација.
Националниот натпревар за најдобар бизнис концепт за зелени иновации за средните училишта се организира веќе 18 години, а од 2009 година ко-организатори се Националниот центар за развој на иновации и претприемачко учење (НЦРИПУ) и Машинскиот факултет – Скопје при УКИМ.
Од 2021 година, во рамки на Машинскиот факултет функционира и Центарот за извонредност за зелени иновации, кој е главен организатор на натпреварот. Натпреварот веќе има и значајно европско признание – ја освои престижната ETF Green Skills Award 2025, во конкуренција на 250 апликации од повеќе од 50 земји.
Оваа година интересот на средношколците е особено значаен. 42 средношколски тимови пријавија свои иновативни зелени решенија, а повеќе од 60 наставници од Скопје, Охрид и Штип учествуваа во обуки поврзани со подготовката на натпреварот.







