Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денеска изјави дека Алијансата има планови за одговор на акти на саботажа и инциденти со дронови.
Од друга страна, данската разузнавачка служба предупреди на ескалација на руската хибридна кампања.
Руте рече дека НАТО е способен да одговори на таквите закани и дека граѓаните на 32-те земји членки можат да бидат спокојни.
Говорејќи во Њујорк на комеморација по повод годишнината од нападите на 11 септември 2001 година во САД, тој истакна дека зголемувањето на бројот на хибридни инциденти во земјите членки, според него, го одразува слабеењето на позицијата на Москва во војната против Украина, која сега влезе во петтата година.
„Сите опции за одговор се на маса и ќе ги употребиме сите неопходни средства. Путин е во слаба позиција. Тој не победува во војната во Украина“, рече Руте.
Во новата проценка на ризикот, данската воена разузнавачка служба наведе дека Русија веројатно ќе ги интензивира хибридните активности насочени против Западот и НАТО.
Тоа опфаќа саботажи, сајбер-напади, дезинформации и други неконвенционални облици на притисок. Агенцијата предупредува дека ваквите активности би можеле да се прошират и на деструктивни сајбер-напади врз клучни општествени функции, како и на акти на саботажа што носат висок ризик од човечки жртви.







