Прифатена предлог-резолуцијата на ДОМ за регулиран развој на дата-центрите од Европската зелена партија: време е за европски и јасни правила

ДОМ отвора европска дебата за правила што ќе ги стават јавниот интерес, енергетската и водната сигурност во центарот на развојот на дата-центрите.

„По иницијатива на нашата партија, предлог-резолуцијата за регулиран развој на дата-центрите и заштита на енергијата, водните ресурси и локалните заедници е прифатена со силна поддршка од сестринските зелени партии и ќе биде ставена на гласање на претстојниот Конгрес на Европската зелена партија во Варшава“, велат од ДОМ.

„Македонија е конкретен пример за потребата од ваква рамка. Со законските измени усвоени годинава зад затворени врати се олеснува развојот на дата-центрите и придружната енергетска инфраструктура, со поедноставен режим на урбанистичко планирање за овие објекти. Во меѓувреме, Владата најави Национален дата-центар и потврди дека разговара со шест компании за неговото финансирање, но условите и критериумите за овие инвестиции остануваат затворени за јавноста. Покрај најавениот Национален дата-центар, во земјата се отвора простор и за развој на комерцијални дата-центри, како што покажа неодамна и случајот во Пехчево, додека преговорите и одлуките се водат зад затворени врати, без транспарентност и без вклучување на стручната јавност и локалната заедница.

Предлогот на ДОМ доаѓа во време кога Европа забрзано го зголемува капацитетот на дата-центрите, а во Европскиот парламент се води интензивна дебата за развојот на оваа инфраструктура, особено со растот на вештачката интелигенција. До 2030 година потрошувачката на електрична енергија на дата-центрите во ЕУ се очекува да достигне 114 TWh, односно околу 3,2% од вкупната потрошувачка. Во септември Европската комисија предложи заедничка шема за оценување и започна консултација за минимални стандарди, кои во моментов не се обврзувачки.

Затоа, ДОМ во резолуцијата повикува на јасни, прецизни и обврзувачки европски критериуми за енергијата, водата и електроенергетската мрежа со мерливи показатели, транспарентни податоци и вклученост на локалните заедници. ДОМ бара ваквата европска рамка да биде применлива и во земјите кандидати, вклучително и Македонија“, се наведува во соопштението на ДОМ.

Scroll to Top