Повеќе од 45.000 ученици во околу 100 градови низ Германија во петокот излегоа на протести против можноста за воведување задолжителен воен рок. Демонстрациите ги организираше иницијативата „Училишен штрајк против воената обврска“, која се спротивставува на повторното воведување задолжително служење во Бундесверот.
Под мотото „Не на воената обврска, цивилната служба и војната“, учениците протестираа и против воената вежба на Бундесверот „Red Storm Charlie“, која се одржува во Хамбург.
Организаторите порачаа дека младите не сакаат да бидат принудени на воена служба и оти се противат на, како што велат, милитаризацијата на општеството. Тие бараат запирање на процесот на задолжителни лекарски прегледи и повлекување на законот за модернизација на воената служба.
Schoolchildren in Germany protest against conscription
Nationwide protests by schoolchildren against the possible introduction of compulsory military service took place in Germany. According to the organizers, the protests were held in more than 100 cities and drew more than… pic.twitter.com/Ts5BI2nQkr
— NEXTA (@nexta_tv) September 26, 2026
Полицијата објави податоци само за дел од протестите. Во берлинската населба Вединг протестирале околу 2.400 лица, во Минхен 700, Нирнберг 400, Штутгарт 200 и Франкфурт 180. Во Хамбург неколку стотици луѓе се собрале во близина на главната железничка станица.
Протестите следуваат по стапувањето во сила на новиот германски закон за воена служба на 1 јануари 2026 година. Според него, 18-годишните мажи се должни да пополнат прашалник и да поминат лекарски преглед, додека самото служење во Бундесверот засега останува доброволно.
Од 1 јули 2027 година задолжителните лекарски прегледи треба да ги опфатат сите мажи од генерацијата родена во 2008 година и понатаму. Доколку нема доволно доброволци или се процени дека тоа го бара безбедносната состојба, Бундестагот може со посебен закон да активира задолжителен воен рок.
Германската влада планира до 2035 година Бундесверот да има повеќе од 260.000 активни војници и 200.000 резервисти.
Од иницијативата за ученичкиот штрајк велат дека зголемените вложувања во Бундесверот треба да се пренасочат кон образованието и социјалната политика, додека германските власти новиот систем го образложуваат со потребата од зголемување на персоналниот состав и резервата на вооружените сили.







