Британската полиција прогласи „голем инцидент“ во селото Велфорд, во близина на воздухопловната база РАФ Ферфорд во Глостершир, која интензивно ја користи американското воено воздухопловство.
Повеќе мажи се уапсени под сомнение за кривични дела поврзани со експлозиви, а дел од жителите на селото биле евакуирани од своите домови. Полицијата соопшти дека евакуираните жители се префрлени во блискиот рекреативен центар додека трае истрагата.
На местото е испратен и специјализиран воен тим за отстранување експлозивни средства, кој проверува повеќе возила. Полициски кордон е поставен во Велфорд, а на теренот има голем број припадници на итните служби, меѓу кои и специјализиран медицински тим за интервенции во опасни подрачја.
Полицијата засега смета дека инцидентот е ограничен на конкретната област и не соопшти дека постои опасност за пошироката јавност.
„Одреден број објекти во моментов се евакуираат во областа Велфорд по прогласувањето на голем инцидент. Тоа следува по апсењето на повеќе мажи под сомнение за кривични дела според Законот за експлозиви“, соопшти полицијата.
Засега не е објавено колку лица точно се уапсени, што е пронајдено во возилата, ниту дали осомничените се директно поврзани со воената база.
РАФ Ферфорд се наоѓа во Глостершир, на југозападот на Англија. Иако станува збор за база на британското Кралско воздухопловство, таа е дом и на командата на американското 501. крило за борбена поддршка и редовно се користи од американското воздухопловство.
Американското воздухопловство ја опишува РАФ Ферфорд како своја главна европска истурена локација за стратешки бомбардери. Во базата, меѓу другото, се распоредуваат и бомбардери Б-52 за различни мисии и вежби.







