Повеќе детски реквизити, како и дел од останатата урбана опрема, се оштетени на детско игралиште во Карпош 1, информира Општина Карпош.
Од Општината велат дека повторно се соочуваат со вандализирање на јавната и урбаната опрема.

Општина Карпош секоја година издвојува средства за одржување, обновување и унапредување на јавните површини, а континуирано инвестира и во поставување и реконструкција на детски игралишта и урбана опрема.

„За жал, вложувањата во создавање безбедни и уредни простори за најмладите повторно се доведуваат во прашање поради неодговорното однесување и вандалските случаи“, наведуваат од Општината.

Оттаму потсетуваат дека јавните површини се заедничко добро на сите граѓани и апелираат на одговорно однесување и заеднички придонес во нивното зачувување.







