Силвестер Сталоне, во пресрет на објавувањето на своите мемоари „The Steps“, проговори за тешкото детство исполнето со насилство, емоционална студеност и недостиг од родителска нежност.
Во интервју за „Њујорк тајмс“, Сталоне откри дека намерно изоставил дел од најтешките спомени од книгата бидејќи не сакал да предизвикува сожалување.
По разводот на родителите, извесно време живеел со татко му во Мериленд, кого го опиша како нагол и физички насилен. Сталоне раскажа дека во една прилика, како дете, татко му го удрил со нога во стомакот и го претепал затоа што од продавница донел погрешен вид леб.
Години подоцна, кога Сталоне бил во четириесеттите, му рекол на татко му дека би сакал три минути да бидат на иста возраст за да може да му „врати со иста мера“.
Актерот вели дека дел од жестината што ја внел во ликови како Рамбо ја поврзува токму со својот татко.
Сталоне зборуваше и за недостигот од нежност во семејството.
„Мајка ми никогаш не ме прегрна. Никогаш, никогаш“, изјави тој, додавајќи дека и татко му ретко покажувал блискост.
Како многу млад, родителите го испратиле во пансион, каде што го посетувале само еднаш месечно.
„Ме одгледаа странци“, рече Сталоне, признавајќи дека ваквото детство го направило силен, но „на погрешен начин“.
Тој тврди дека вистинското чувство на љубов и блискост го почувствувал дури околу 70-тата година, преку односот со сопругата Џенифер Флавин и неговите деца.
Сталоне денес има 80 години, а мемоарите „The Steps“ излегуваат на 29 септември.







