Тајван и САД продолжуваат со разговорите за набавка на оружје, соопшти денеска тајванското Министерство за национална одбрана. Оттаму додадоа дека, по средбата меѓу американскиот и кинескиот претседател, Тајпеј добил порака од Вашингтон во која се наведува дека американската политика кон Тајван не е променета.
САД се најважниот меѓународен поддржувач на Тајван и негов најголем снабдувач со оружје, иако двете земји немаат официјални дипломатски односи, пренесува Ројтерс. Кина постојано бара прекин на продажбата на американско оружје за Тајван. Во мај, по посетата на Пекинг, американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ја суспендира испораката на нов пакет оружје во вредност од приближно 14 милијарди долари до понатамошно известување.
По минатонеделната средба со кинескиот претседател Ши Џинпинг во Вашингтон, Трамп рече само дека кинескиот лидер ја разбрал неговата позиција во однос на Тајван. Тајванскиот министер за одбрана Велингтон Ку им изјави на новинарите во парламентот во Тајпеј дека, по самитот САД-Кина, тајванската влада „повеќепати добила објаснувања од американската страна оти американската политика кон Тајван останува непроменета“.
„Во однос на тековните набавки на воена опрема, исто така одржуваме континуирани разговори со американската страна. Секој поединечен случај бара специфична соработка. Колку што знам, досега не сме добиле никакви известувања за промени“, додаде министерот.
Се чека на претходно нарачано оружје
Како што пренесува Ројтерс, Тајван веќе некое време чека на испорака на претходно нарачано оружје. Едно од доцнењата се однесува на нарачка направена во 2019 година. Компанијата Lockheed Martin треба да ја снабди тајванската војска со 66 борбени авиони F-16V, опремени со напредна авионика, вооружување и радарски системи.
Тајванските медиуми објавија дека првите два авиона F-16V моментално се наоѓаат на Хаваи и го чекаат летот кон Тајван. Ку одби да го коментира распоредот на испорака. Тој само изјави дека производството достигнало фаза во која се можни испораки, но и дека се спроведуваат „компензаторни мерки“ поради доцнењата.
„Ќе продолжиме да се координираме со американската страна“ во врска со испораките, рече министерот. Lockheed Martin не одговори веднаш на барањето за коментар од Ројтерс. Според Законот за односи со Тајван од 1979 година, САД се обврзани да му обезбедат на Тајван средства за негова одбрана.







