Приватниот специјализант Дарко Василевски ќе биде примен во некоја јавна здравствена установа доколку се пријави во групата од 300 специјализанти кои треба да бидат вработени и доколку ги исполнува условите. Вака денес министерот за здравство, Сашо Клековски, одговори на прашањето за штрајкот со глад кој Василевски го почна утрово, незадоволен оти трипати бил одбиен на огласи за вработување на Медицинскиот факултет.
„Запознаен сум со случајот. Министерството за здравство не е надлежна институција за Медицинскиот факултет. Како што знаете, Медицинскиот факултет е образовна установа, не е здравствена установа, туку е надлежност на Министерството за образование. Во основа, нашите можности да направиме нешто не го вклучуваат вработувањето на Медицински факултет, бидејќи вие знаете дека во моментот ние работиме на втората група 300 специјализанти кои треба да бидат вработени во јавното здравство и доколку докторот се пријави за таа група и ги исполнува условите, ќе биде примен на работа во дел од јавно-здравствените установи. Меѓутоа, Медицинскиот факултет е надлежност на Министерството за образование“, рече денес министерот Клековски.
Василевски е лекар и приватен специјализант по спортска медицина. оти третпат бил одбиен на конкурс за вработување на работното место доктор по медицина на Институтот за медицинска и експериментална физиологија со антропологија при Медицинскиот факултет во Скопје, во состав на УКИМ. Тој тврди дека постапката била нетранспарентна и дека бил дискриминиран поради возраста и револтиран е затоа што не добил јасно образложение на критериумите според кои биле избрани кандидатите.
„Пријатели, роднини, знајни и незнајни луѓе кои во изминатите денови ми дадовте огромна поддршка (јавно или тајно), по 15 дена молк од надлежните институции од денес мојата борба продолжува пред деканатот на Медицинскиот факултет со мирен протест со гладување. Ова не беше одлука која ја донесов лесно. Ова не е насочено кон никого лично. Оваа клупа и едно шаторче кое ќе биде поставено во текот на денот ќе бидат мојот дом 24/7 во периодот што следи. Со почит кон институциите, но и со почит кон самиот себе“, напиша на социјалните мрежи Василевски утрово кога го почна штрајкот со глад.
Министерството за образование, кое министерот за здравство Клековски го посочи денес како надлежно, веќе се изјасни пред една недела дека нема ингеренции оти се работи за постапка за вработување, а не избор во звање.







