Јужнокорејскиот претседател Ли Џе-мјунг се закани со „дополнителни чекори“ доколку Украина јавно не се извини за обелоденувањето на информацијата дека двајца севернокорејски воени заробеници – заробени од украинските сили во рускиот регион Курск – биле префрлени од украински притвор во Јужна Кореја.
Случајот се однесува на двајца севернокорејски војници заробени во јануари 2025 година додека се бореле на страната на Русија во регионот Курск. Украина потоа ги држела како воени заробеници, а на 23 септември оваа година, Зеленски за првпат јавно откри на Генералното собрание на ОН дека тие во меѓувреме биле предадени на Јужна Кореја.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха вчера ја опиша ситуацијата како „дипломатско недоразбирање“ и додаде дека Киев работи на решавање на прашањето. Јужнокорејскиот претседател ја отфрли оваа квалификација на платформата „Икс“ (X), наведувајќи дека прашањето се однесува на „достоинството на корејскиот народ и државата“.
Кабинетот на јужнокорејскиот претседател минатата недела соопшти дека токму Украина побарала трансферот да остане таен. Тие се повикаа на потребата да се заштитат семејствата на војниците и на желбата на Киев да избегне критики поради тоа што не ги искористил војниците во размена на заробеници во која би биле вклучени заробени Украинци. Кабинетот на Зеленски возврати дека двете земји немале таков договор за доверливост – спор што дополнително ги затегна односите, пренесува Би-би-си.
Обвинувања за поттикнување конфликт
По изјавата на Зеленски, Ли се соочи со критики и во својата земја. Јужнокорејската опозиција го обвини дека го криел трансферот за да избегне ескалација на тензиите со Северна Кореја. Двајца војници – меѓу илјадниците Севернокорејци кои се борат на руска страна во војната во Украина – претходно им изјавија на локалните медиуми дека сакаат да пребегаат во Јужна Кореја.
Во вчерашната изјава за украинските медиуми, министерот Сибиха изрази надеж дека ситуацијата наскоро ќе се реши. „Работиме на тоа. Јужна Кореја е важна земја за нас. Искрено се надевам на нов замав, продолжување на соработката и конкретни резултати што навистина ги постигнуваме со нив“, рече тој.
Ли возврати обвинувајќи го Киев дека „се обидува да предизвика војна на Корејскиот Полуостров“. „Изразуваме длабоко жалење што, наместо да ги признаат фактите во врска со договорот и да се извинат, тие зборуваат за неизбежен воен конфликт меѓу Северот и Југот“, напиша тој во објава на платформата „Икс“.
Од почетокот на руската инвазија, Сеул покажува солидарност со Украина, но се придржува до својата долгогодишна политика да не испорачува смртоносно оружје на земји вклучени во активен конфликт.







