НАТО го предупреди европскиот комесар за заканите кон Русија

Изјавата на европскиот комесар за одбрана и вселена Андријус Кубилијус дека евентуален руски ракетен или воздушен напад врз фабрика за оружје во европска земја-членка на НАТО треба да го активира Член 5 од Северноатлантскиот договор предизвика незадоволство во дипломатските кругови на Алијансата.

Како што објави „Политико“, некои дипломати на НАТО сметаат дека Кубилијус излегол од опсегот на своите надлежности, бидејќи Европската комисија нема овластување да утврди под кои околности Алијансата би можела да ја примени клаузулата за колективна одбрана.

„Доколку Русија ги нападне нашите фабрики на европска територија, тоа би бил Член 5“, изјави Кубилијус за полската телевизија на маргините на состанокот на Комитетот за безбедност и одбрана на Европскиот парламент.

Според „Политика“, соработник на европскиот комесар подоцна појасни дека изјавата на Кубилијус се однесува на директен воздушен или ракетен напад врз фабрика за оружје на територијата на една од европските членки на НАТО.

Сепак, неговите зборови наидоа на остар одговор од дипломат на Алијансата.

„Кога Кубилијус ќе стане генерален секретар на НАТО, тој можеби ќе може да утврди што предизвикува, а што не предизвикува примена на Член 5“, рече дипломатот, чие име не беше објавено.

Чувствителноста на темата произлегува од самата природа на Член 5, кој предвидува дека вооружен напад врз една членка се смета за напад врз сите сојузници. Сепак, ова не значи автоматски и идентичен воен одговор од страна на сите членови – секоја од нив презема мерки што ги смета за неопходни, кои може, но и не мора да вклучуваат употреба на вооружена сила.

Изјавата на Кубилијус следеше по новото заострување на реториката меѓу Москва и западните престолнини. Руското Министерство за надворешни работи претходно изјави дека фабриките во европските земји што произведуваат оружје наменето за Украина можат да се сметаат за потенцијални воени цели.
Во исто време, неколку европски земји истражуваат саботажи и други инциденти во воената индустрија, додека западните претставници ги обвинуваат руските служби за некои од овие случаи. Москва ги отфрла ваквите обвинувања.

Scroll to Top