Фудбалерот на Манчестер Сити, Ерлинг Халанд, поднесе тужба против норвешката авиокомпанија „Norwegian Air Shuttle ASA“. Причината е реклама во која компанијата ја искористила неговата карактеристична фризура и ја вметнала врз фотографија од авион, пренесува „Дејли мејл“.
Со години, Халанд беше препознатлив по своето опавче – заштитен знак на неговиот изглед за време на натпреварите и за Манчестер Сити и за норвешката репрезентација – иако одлучи да се потстриже на почетокот на оваа сезона. Спорната реклама беше објавена за време на Светското првенство и прикажуваше авион со фотомонтажа од косата на Халанд и натпис: „Никогаш не сме се чувствувале повеќе Норвежани“. Објавата оттогаш е отстранета од каналите на компанијата на социјалните мрежи.
Портпаролката на компанијата, Катарина Соли, изјави дека не разбираат зошто случајот завршил на суд.
„Тешко ни е да разбереме зошто завршивме на суд. Како и речиси сите други во Норвешка, и ние навивавме за репрезентацијата во текот на летото. Тоа го правевме преку неколку спонтани објави инспирирани од трендовите на социјалните мрежи“.
„Жалиме што нашата поддршка резултираше со тужба, но се надеваме на разумен дијалог за да можеме и во иднина заедно да ги поддржуваме нашите спортски херои“, рече Соли.
Сепак, адвокатот на Халанд, Томас Хаген, смета дека случајот е сосема јасен.
„Овој случај се однесува на незаконското користење на карактеристичните обележја на Халанд од страна на ’Norwegian‘ за продажба на авионски билети за време на завршницата на Светското првенство“, рече Хаген.
Ерлинг Халанд постигна седум гола за Норвешка, репрезентација која стигна до четвртфиналето на Светското првенство.
фото/ЕПА







