СДСМ: Писмото на „ЗНАМ 2.0“ стигна еден час пред Фон дер Лајен – „Немаат програма, имаат тајминг“

СДСМ обвинува дека Платформата-ЗНАМ 2.0 со своето писмо се обидува да го пренасочи вниманието од, како што велат од партијата, застојот на европскиот пат на Македонија и темите поврзани со борбата против корупцијата. Од СДСМ велат дека документот бил доставен вчера, непосредно пред прес-конференцијата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и оценуваат дека станува збор за политички дефокус.

„Кога стигна документот од Платформата-ЗНАМ 2.0? Вчера, токму пред прес-конференцијата на Фон дер Лајен, на која кажа дека македонските јазик и идентитет се добредојдени во ЕУ, дека нема патокази за Македонија и го упати Мицкоски во Бугарија. Иако најавија дека два дена порано ќе го донесат писмото, го донесоа токму еден час по нашиот прес за Лаура Ковеши и пред прес-конференцијата на Фон дер Лајен. Уште еден дефокус“, велат од СДСМ.

Од партијата тврдат дека ваквите потези се случуваат во моменти кога СДСМ отвора теми поврзани со европското обвинителство и борбата против корупцијата.

„Кога се случува? Кога СДСМ објавува дека услов за кандидатите е прво да се пушти во работа европското обвинителство. Еден час по прес-конференцијата каде се потврдува целата вистина којашто ја говори СДСМ, кога се потврдува целата вистина зошто Мицкоски не сака во Унијата. Кога имаме целосна потврда од Фон дер Лајен. Со месеци го говориме. Сега се потврдува. Лаура Ковеши пред членство. Не после“, наведуваат од СДСМ.

СДСМ во соопштението се осврнува и на претходни активности на Платформата-ЗНАМ 2.0, поврзувајќи ги со периоди во кои опозициската партија, како што тврди, објавувала информации за работењето на власта.

„Кога се јави Платформата минатиот пат? Закажаа собир во хотел. Тргна медиумската поддршка од Орбан–Вучиќ медиумското небо. Кога беше тоа? Токму кога објавивме кој му плаќа на Мицкоски лобирање за состаноци. Кога објавивме за антимонот. Кога објавивме план за пет нови рудници за распродажба на Македонија. Кога откривме дека Дејвид Гета не е „нула денари“, туку 5,53 милиони евра. Кога го откривме тендерот за фирмата поврзана со Ќуркчиев, вреден 1,6 милиони евра“, велат од СДСМ.

Од СДСМ се осврнуваат и на најавата за нови „паметни“ броила, при што тврдат дека тие не се во интерес на граѓаните.

„Паметни се. За арамијата и екипата. Не за сметката на граѓанинот. Сега граѓаните гледаат дека повеќе не е чудно како работи Платформата-ЗНАМ 2.0. На далечинско. По потреба“, стои во партиското соопштение.

Од СДСМ ја обвинуваат Платформата и за соработка со Левица и тврдат дека станува збор за политички субјекти кои се спротивставуваат на членството во ЕУ и НАТО. Во тој контекст ја споменуваат и средбата на Левица во Москва со претставници на Комунистичката партија на Русија.

„Немаат програма. Имаат тајминг. Нема антикорупција. Има корупција и дефокус. Писмото не е за СДСМ. Писмото е да не се зборува за признатиот македонски идентитет, заглавениот европски пат, Лаура Ковеши, за скандалите на власта, за рудници и за броила“, наведуваат од СДСМ.

Од партијата додаваат дека нема да, како што велат, влезат во „шемата“, туку ќе продолжат да ги отвораат темите за кои сметаат дека се од интерес на граѓаните и државата.

„СДСМ не влегува во шемата. Останува со граѓаните и ќе продолжи да се бори за нив и интересите на државата. Бандата бега од европски обвинител. Сателитите бегаат од темата. Народот веќе гледа кој кога се јавува. Наскоро доаѓа времето на вистина и правда. А бандата ќе одговара пред европско обвинителство“, велат од СДСМ.

Scroll to Top