„Розов пикник појадок“ денеска во Градскиот парк во Скопје

„Розов пикник појадок“, настан посветен на поддршката на жените кои се соочуваат со рак на дојка, денеска ќе се одржи во Градскиот парк во Скопје, кај Школка, под слоганот „Крилјата различни. Борбата лична. Поддршката заедничка“.

Настанот го организираат ХЕМА-ОНКО, здружение посветено на поддршка на пациентите со рак и нивните негуватели, и „Медикус Хелп“, со цел да им се оддаде признание и поддршка на жените кои живеат со оваа болест и секојдневно храбро се соочуваат со нејзините предизвици.

„Сакаме да им покажеме дека не се сами, заедно сме посилни и можеме многу повеќе. Силни сме кога сме заедно. Иако секоја борба е лична и единствена, таа станува полесна кога се споделува со некој што разбира и чекори по истиот пат“, велат организаторите.

„Розов пикник појадок“ има и цел да ја подигне свеста за значењето на редовните превентивни прегледи, препознавањето на симптомите и навременото откривање на ракот на дојка.

Настанот ќе биде проследен со богата, инспиративна и емотивна програма, а добредојдени се сите, без разлика на возраста и полот, кои сакаат да дадат свој придонес кон оваа важна заедничка мисија.

„Заедно можеме да подигнеме свест, да дадеме поддршка и да направиме чекор кон помалку заболени и подобар квалитет на живот за оние кои се соочуваат со ракот на дојка“, истакнуваат организаторите.

Scroll to Top