Еврокомесарката за новите клаузули за идните членки: Тоа е еден вид осигурување

Со заштитните клаузули во идните договори за пристапување, ЕУ сака да спречи новите членки да отстапат од обврските што ги презеле во текот на пристапните преговори. Тие клаузули се еден вид осигурување, изјави денеска еврокомесарката за проширување Марта Кос.

„Тоа е еден вид полиса за осигурување за да можеме да реагираме доколку биде потребно“, рече Кос, претставувајќи ги предлозите на Комисијата кои треба да го овозможат идното проширување на ЕУ.

Таа истакна дека со овие мерки се настојува да се олесни носењето одлуки за суспендирање на финансиската поддршка и за ограничување на правото на глас.

Кос додаде дека овие заштитни механизми би се применувале само во случај на прекршување на правилата, додека новите членки, доколку ги почитуваат своите обврски, воопшто нема да ги почувствуваат.

„Земјите мора да исполнат многу високи стандарди во однос на владеењето на правото. Мора да бидеме сигурни дека по пристапувањето никогаш повеќе нема да паднат под тие стандарди. Тоа го научивме од претходните искуства и тука станува збор за заштита на самите нас“, рече Кос.

Комисијата предлага заштитни механизми во идните договори за пристапување, кои би требало да овозможат санкционирање на новите членки во случај да назадуваат во демократските стандарди или да ги прекршуваат принципите и вредностите на кои е заснована Унијата.

Во најтешките случаи тоа би можело да доведе и до ограничување на правото на глас.

Комисијата предлага и новите членки да се обврзат дека нема да го користат правото на вето кога станува збор за одлуки на ЕУ за идни проширувања, односно дека во ограничен временски период нема да ги блокираат идните проширувања поради билатерални спорови.

Кос појасни дека ова нема да биде дел од договорите за пристапување, туку земјите што пристапуваат ќе потпишат политичка декларација со која ќе се обврзат дека нема да ги блокираат идните проширувања поради билатерални спорови.

Извршното тело на ЕУ, исто така, предлага земјите кандидатки, доколку ги исполнуваат потребните услови, да учествуваат во одредени политики на Унијата и пред формално да станат членки.

„Засилената постепена интеграција во политиките на ЕУ треба да биде реверзибилна и отворена само за оние кандидати кои ги споделуваат вредностите на нашата Унија и нашите стратешки интереси“, рече еврокомесарката за проширување.

Scroll to Top