Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на маршот во Прилеп по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, под слоганот „Непокор. Борба. Иднина – 85 години антифашизам“, порача дека антифашистичкото наследство нè обврзува да ја вратиме државата во служба на народот.
Филипче истакна дека СДСМ е наследник на државотворните политики на партизаните и на вредностите на антифашистичката борба, и затоа и денес има историска одговорност да се спротивстави на криминалната власт на ВМРО и да се бори за слобода, правда и вистина.
„Ние Социјалдемократскиот сојуз сме наследниците на државотворните политики на нашите предци партизаните, на вредносните политики на антифашистичката борба. И затоа денес кога сме соочени со криминална власт која што нè пљачка, нè изолира, повторно имаме историска улога да се бориме за слобода, за правда и за вистина. Повторно да се покаже пркос, да ѝ се спротивставиме на неправдата, да ѝ се спротивставиме на криминалната банда на власт и да ја вратиме државата во служба на народот“, рече Филипче.
Тој порача дека борбата за Македонија денес е борба за слобода, еднаквост, солидарност и правда, но и конкретна борба против корупцијата и криминалот на власта, која наместо да им служи на граѓаните, ги злоупотребува институциите и јавните ресурси.
„Борбата за Македонија денес е борба за слобода, меѓусебно почитување и правда. Борбата за Македонија денеска е против корупцијата и криминалот на арамиите на власт“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека последиците од лошите политики на Владата на ВМРО ги чувствуваат граѓаните, работниците, земјоделците, наставниците, лекарите и пензионерите. Наместо држава што ќе обезбедува сигурност и достоинствен живот, граѓаните добиваат власт која ги занемарува нивните потреби и проблеми, и ги остава без соодветна поддршка.
„Борбата за Македонија денеска е борба за работниците, за подобар стандард, за подобар живот, за наставниците, за лекарите, за земјоделците, за младите, за пензионерите. Борбата за Македонија денес е борба за земјоделците и овде во Прилепско. Добро се знае колку пот, грижа, неизвесност има во земјоделскиот труд. Тутунарите и сите што ја обработуваат земјата заслужуваат држава што стои покрај нив, а не како што се денес понижени, обесправени и маргинализирани“, рече Филипче.
Во обраќањето претседателот на СДСМ нагласи дека власта се однесува кон Македонија како простор за остварување туѓи профити и провизии. Тој порача дека борбата за државата подразбира спротивставување на распродажбата на нејзините природни богатства и ресурси.
„Борбата за Македонија, денес е борба против нејзина распродажба. За рудници, вода, земја и дата центри. Арамиите на власт сè ќе стават на распродажба за туѓи профити и за провизии. Борбата за Македонија е борба против воскреснувањето на фашизмот и фашистичките методи на владење“, рече Филипче.
Филипче истакна дека вистинската сила на една држава се гледа во грижата за граѓаните, во достапното здравство, квалитетното образование и сигурноста на работниците и пензионерите, а власта ја поткопува токму таа грижа и ги става личните интереси пред јавниот интерес.
„Државата ја покажува својата сила преку грижата за граѓаните. Преку достапното здравство, доброто образование, сигурноста на работникот и достоинството на пензионерот. Оваа криминална власт ја поткопува таа грижа. Арамијата не се грижи за народот, се грижи за себе и за своите бизниси. Ги троши ресурсите, ја разорува довербата и ги остава чесните луѓе да ја плаќаат цената“, рече Филипче.
Тој нагласи дека обврската на денешните генерации е да го продолжат патот на претходните генерации, да ја чуваат и развиваат државата и да создадат услови младите да останат во Македонија. Предупреди дека празните училишни клупи и намалениот број првачиња се аларм за иднината на земјата.
„Да ја чува државата, да ја развива, економски да ја зајакнува и да ја носи напред кон Европа силна и обединета. Пред 85 години нашите предци се бореа да имаме своја држава. Нашата генерација мора да се избори децата да останат да живеат тука дома. И тоа е нашата историска задача“, рече Филипче.







