ДОМ: Време е за системско решение за дивите и нестандардните депонии

„Пожарите на нестандардната депонија „Краста“ во Куманово, која гори веќе шест месеци, и на депонијата во Струмица се аларм дека управувањето со комуналниот отпад во Македонија бара итни и суштински промени. Горењето на отпадот го загадува воздухот и може да ослободува опасни соединенија, вклучително и канцерогени диоксини и фурани. Здравјето на граѓаните не смее да биде заложник на нефункционален систем“, велат од ДОМ.

„’Краста’ се користи со одлука на Општина Куманово, но нема дозвола за депонирање од Министерството за животна средина и просторно планирање. Според податоците на Министерството, законски дозволи за депонирање имаат само три депонии во државата: „Дрисла“ и депониите во Гевгелија и Гостивар.

Општинските инспектори и Државниот инспекторат за животна средина мора да постапуваат ефикасно, секој во рамките на своите надлежности. Не е доволно институциите да реагираат откако ќе избие пожар – потребни се превенција, контрола и одговорност.

Регионалниот систем за управување со отпад доцни со години, а регионалната депонија кај Свети Николе сè уште не е реализирана. ДОМ бара преиспитување на досегашниот пристап и конкретни решенија наместо нови ветувања.

Покрај регионалниот систем, треба да се анализира можноста за централна постројка за енергетско искористување на отпадот, со капацитет до 300.000 тони годишно и проценета инвестиција од 100 до 120 милиони евра. Таквата инвестиција мора да биде оправдана со студија за изводливост, транспарентна постапка и строги еколошки стандарди.

Согорувањето на отпадот не смее да биде изговор за дополнително оптоварување на граѓаните со загадување. Во контекст на користењето отпад како алтернативно гориво, ДОМ смета дека мора да има целосна транспарентност за видовите и количествата отпад што се користат, емисиите и резултатите од мониторингот. Секоја нова постројка за третман или енергетско искористување на отпадот мора да се планира на соодветна локација, надвор од населени места, со процена на влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето, строга контрола на емисиите и достапни податоци за јавноста.

Енергетското искористување не смее да ги замени селекцијата и рециклирањето, туку да ги надополни. Потребни се стимулации за примарна селекција, поефикасно собирање и третман на отпадот, посилен инспекциски надзор и отчетно трошење на јавните и европските средства.

Сите досегашни влади ја задолжуваа државата со милијарди евра. Ако се задолжуваме, средствата мора да се вложуваат во функционални системи што носат долгорочна корист за граѓаните.

Чистиот воздух, здравјето на луѓето и заштитата на животната средина мора да бидат приоритет. Време е за одговорност и системски решенија!“, се наведува во соопштението на ДОМ.

Scroll to Top