Ѓорѓиевски: 59 години МАНУ – тврдина на македонското знаење, творештво и идентитет

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска присуствуваше на одбележувањето на 59 години од основањето на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

„На покана на претседателот на МАНУ, академик Живко Попов, мој драг пријател, имав чест да присуствувам на одбележувањето на овој значаен ден за македонската наука и уметност. Силата на една нација се огледува во знаењето што го создава, културата што ја негува и наследството што им го остава на идните генерации. Токму затоа, МАНУ има посебно место во нашиот национален и општествен развој. Особено задоволство ми беше што бев меѓу истакнати претставници на научната мисла од Македонија и од регионот, со кои разговаравме за теми од значење за иднината на Скопје. Нивното знаење, искуство и визија се драгоцена поддршка во создавањето град што се развива, го почитува своето наследство и отвора нови можности за генерациите што доаѓаат“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека Македонската академија на науките и уметностите со децении е столб на научното и уметничкото творештво и на интелектуалниот и духовниот развој на Македонија.

Со својот авторитет и интегритет, додаде тој, таа има непроценлива улога во проучувањето, афирмацијата и зачувувањето на македонскиот јазик, култура и идентитет, како и во унапредувањето на меѓусебното почитување и соживотот меѓу заедниците.

„Почитта кон ваквите институции ја покажуваме и преку конкретна грижа. Како Град Скопје, започнавме со хортикултурно уредување на просторот околу МАНУ, за ова значајно средиште на знаењето и творештвото да добие поубаво и поуредено опкружување, достојно на неговото значење“, истакна Ѓорѓиевски.

Градоначалникот Ѓорѓиевски упати искрени честитки до Соња Должан од Словенија, овогодинешната добитничка на меѓународното признание „Блаже Конески“, со желби за уште многу успеси и нови творечки достигнувања, а на сите членови и соработници на МАНУ им го честиташе празникот, со длабока почит кон нивната работа и придонес.

Scroll to Top