Масовно труење во хотел во Шпанија: со салмонела завршиле повеќе од 100 лица, меѓу нив и бебе

Повеќе од сто туристи беа заразени со салмонела во познат хотел во Ла Манга, популарно одморалиште во близина на Мурсија, Шпанија. Меѓу заболените се 15-месечно бебе, седум деца, како и бремена жена во осмиот месец од бременоста, пренесуваат медиумите во регионот.

Околу 20 гости биле пренесени во болница, додека привремена теренска болница била поставена во самиот хотел на брегот. Симптоми на труење: гадење, повраќање, дијареја и висока температура, се појавиле по саботниот ручек во ресторанот на хотелот. Првично биле пријавени 28 случаи, но бројот на пациенти наскоро се зголемил на повеќе од сто. Децата и бебето се пренесени во болницата „Санта Лучија“ во Картагена за лекување на треска и други симптоми, според написите.

Санитарната инспекција зеде примероци од храна од кујната на хотелот, а хотелот беше привремено затворен. Регионалните здравствени власти го третираат инцидентот како можна епидемија на салмонелоза. Хотелот, еден од најпознатите на Коста Калида, има ресторан на шведска маса (кој моментално е под истрага), бар на плажа, ресторан и англиски паб, кој исто така е привремено затворен.

Здравствените инспектори продолжуваат со истрагата, додека хотелот продолжува да добива критики за лоша комуникација со гостите. Бројот на пациенти би можел да продолжи да расте, а властите го истражуваат изворот на контаминацијата и преземаат дополнителни здравствени мерки за да спречат понатамошно ширење на инфекцијата.

Фото: принтскрин

Scroll to Top