– Веќе цела година живеам пак во Куќата. Ја оставив пред четириесет години и сега ~ се вратив. Тоа е онаа Куќа што не можете а да не ја видите кога од „Илинденска“ скршнувате накај Фонтаната за да земете такси или да прошетате во Парк. На самиот агол е, има натпис со римски броеви MCMXXVII, а некои ја викаат палатата на Рубен.
Седејќи покрај прозорецот, исто како што седеше и баба ми Марија, дамна уште кога бев дете, и гледајќи кон Паркот, Фонтаната, наредените таксисти кои имаат или немаат работа па редот бргу се намалува или се зголемува, орасположен и освежен од деноноќната бучава од сообраќајот на „Илинденска“, задолжително ми навираат сеќавањата од едно друго Скопје пред шеесет и повеќе години. И наскоро кога ќе станам најпоповозрасен сеќавањата ќе бидат побистри и поточни, бидејќи велат дека така одела работата.
Но да почнеме со ред. Дедо ми Emile Joseph Roubin (Емил Жозеф Рубен) е роден во Солун 1879 година. Во Скопје дошол 1906 година. Татко му Виктор имал четири сина и една ќерка, Елен, дедо ми Емил е најмладиот син. Биле француски државјани, се зборува дека дошле од јужна Франција но кога не се знае, барем засега, бидејќи ако отворите интернет ќе најдете многу Roubin токму во Тулуз и Марсеј. Дедо ми Емил, 1902 година, од Солун отишол во Марсеј за да го отслужи својот воен рок. За спомен, дома ја најдов дрвената плочка на која е запишано. Certificat de Bonne conduit Caporal Roubin Emile 1е corps D’ ARM¦E, 21e DIVISION, 67e BRIGADE.
Дома се зборувало француски и грчки а по Солунската чаршија и турски. Куќата им била блиску до Белата кула, уште стоеше 1957 година, кога за прв пат ја посетив Грција. Денес местото го знам, но куќата ја нема.
Прадедо ми Виктор очигледно имал можност да ги школува своите деца така што сите четворица ги праќа во Истанбул каде што го завршуваат школувањето. Сите стануваат забари.
– Забарска ординација во Солун имала дванаесет забарски столови, работеле успешно, но дедо ми Емил се оженил со баба ми Мари, Гркинка, вдовица, полиглот, постара од него, и решил да дојде во Скопје на шест месеци да заработи, за кога ќе се врати во Солун, и тоа многу бргу, се одвои од забарската тајфа и отвори своја самостојна ординација. Но тогаш во Скопје 1906 година, така добро му тргнала работата што за враќање не помислувал цели четириесет години и го завршува својот пат 1946 година, тука, во Скопје.
За тоа време Марија му родила два сина и четири ќерки, помалиот син Ремон (Raymond) е татко ми, роден 1911 година.
Ординацијата на дедо ми може да се види на старите скопски фотографии – Камениот мост, фотографиран од плоштадот во правец на Турска чаршијауште не завршува, а од десната страна го допира голема куќа во која се влегува директно од мостот. На ѕидот кој е спрема Вардар има голем билборд – реклама од тоа време: Емил Рубен зубни лекар.
Велат дека работел деноноќно. Имало и просторија каде што престојувале пациентите дојдени од внатрешноста. Со ноќи, дедо ми и техничарот да ти изработувале протетика за луѓето да можат утредента да ја испробаат и да си заминат од Скопје.
– 1925 година дедото Емил решава да ја гради Куќата. Купил плац од фамилијата Џикови. Пријателите му зборувале и го закачале – Каде бе докторе. Во Америка ли ќе градиш куќа!? – Ако, знам јас! – одговорил.
Тука кај што денес е Фонтаната и кај што се редат таксистите велат дека во тоа време постоел некаков фудбалски терен, игралиште ли, и дека токму тука се одржувале натпревари. Велат дека кога Куќата пораснала до вториот кат чичко ми Виктор (1910 г.) и татко ми Ремон на плочата ределе столчиња и гајби, ставале чадори за сонце, купувале газози клакери и пиво и им ги продавале на господата кои со купен билет, се разбира од нив, доаѓале да го гледаат фудбалскиот натпревар од висина во конфорна атмосфера. И тоа с` без ДДВ! Од таа заработка си купиле по еден велосипед марка „Веспа луксуз“. Чичко ми Виктор, кој имал голема љубопитност за механика, уште првиот ден својот велосипед го расклопил до најмалото шрафче и никогаш повеќе не го составил. Татко ми Ремон го возеше својот до 1965 година, цели четириесет години. Тогаш подигна земјотрески кредит, купи „Фиќо“ и го подари велосипедот на Кадиев, инструкторот што го учеше да вози. Тогаш не обрнував внимание, но сега имам осет дека ми е криво, дека тој велосипед „Веспа луксуз“ ќе се тркалаше како здрав деведесетитригодишник до ден денес.
Куќата, која ја проектирал познатиот архитект Артемушкин била завршена 1927 година. Подигната во голем дел со кредити на тогашната Хипотекарна банка прво требало, таа, Куќата се разбира, сама да си ги плаќа банкарските рати. Не ~ дозволувала на фамилијата да се всели и акомодира – има да почекаат. Па во неа прво бил сместен Природно-научниот музеј на градот, па потоа дел од Скопската пошта, а фамилијата се вселува пред почетокот на Втората светска војна.
Во меѓувреме, Emile Joseph Roubin, дедо ми, афирмираниот забар и скопјанец, 1929 година морало да се откаже од француското државјанство и прими југословенско за да може без проблем да работи, ги отплатува кредитите, живее и ги школува своите деца. Четирите девојки се школуваат, студираат во Скопје и Белград, а момците во Грац – Австрија. И двата студираат медицина така што првиот, постариот, чичко ми Виктор, потоа специјализира стоматологија и станува забар за да ја продолжи традицијата, а помладиот, татко ми Ремон, специјализира дермато-венерологија и отвора своја приватна ординација. С` уште, нели, го има велосипедот. Тој е важен зашто за време на војната, – кога татко ми бил пратен од бугарската власт како неблагонадежен елемент, да биде доктор во Градско, а потоа и во Дојран – тој од Градско до Дојран патувал со тој велосипед. Со тој велосипед одеше на работа и кога стана доктор на Дерматовенеролошката клиника, а потоа и кога стана асистент и доцент на Медицинскиот факултет. Но, кога стана професор положи возачки испит си купи „Фиќо“ и го подари велосипедот – рековме дека било грешка!
Јас сум роден 1948 година, од мајка ми Милица, не по грешка туку од љубов. Во Куќата. На првите три години и не се сеќавам многу, освен на едно возење со авион DC-3 од Скопје до Загреб на пат кон Опатија каде преку синдикатот појдовме на летување, – само толку. А не, се сеќавам и на песните што ми ги пееше баба Мари на грчки, француски, турски и италијански, рековме дека беше полиглот. Но моето бистро сеќавање почнува 1952 година, кога се раѓа мојот брат Виктор. Мајка ми и татко ми го донесоа од породилно до пред куќа со пајтон. Мајка ми викна од пјатонот – „Емил, Емил дојди да го видиш брат ти“. Јас, кој бев заигран на улица со другарите, веднаш дотрчав, го погледнав и кога го видов, секавично се разочарав – не е тоа оној брат со кого веднаш, откако ќе пристигн,е ќе си играм. Се свртев и без збор си отидов кај другарите. Моите родители со бебето Виктор си влегоа тивко во Куќата.
Куќата беше преполна. Во станот на првиот кат живеевме татко ми, мајка ми, другар ми, брат ми, јас, баба Мари, тетка ми Марија, тетка ми Јелена и братучетка ми Бранка. Една од собите му беше доделена на офицерот Исмет. Една кујна, санитарен чвор еден.
Во приземјето во едната половина живееше тетка Драга, сестра на Емануел Чучков, со мажот и двете возрасни деца Наде и Стојанче. Во другата половина од приземјето беа кирја Лукија Луциќ со мажот и двата возрасни сина Тошо и Бебеко, беа пребегнати од Турција.
На дел од вториот кат фамилијата Мукаетови. Тетка Ленче, нејзиниот маж – таа или тој работеле во пошта, синовите Тихо и Љупчо. Тихота и денес често го среќавам на улица, а Љупчо Мукаетов загина 1975 година во автомобилска несреќа. Љупчо ми беше првиот и најдобриот другар во детството.
На третиот кат фамилијата Петрушеви. Киро Петрушев, член на Президиумот на АСНОМ, но сега паднат во политичка немилост и неговата сопруга тетка Олга – челична жена и блага мајка на Илинденка Петрушевска – Илинка со која до денденес сме верни другари. Во другата половина од третиот кат живееше семејството Велков – директор на „Билка“ – неговата сопруга, синот Зоран и сестра му Наница, која и денес ми праќа поздрави.
Мансардата ја делеа фамилијата Минови со чиј син Митко и денес се среќавам, бидејќи ми остана тука блиску, во комшилак со легендарниот Благоја Дрнков, кој од другата половина од мансардата направи свое уметничко фото-ателје.
Многу луѓе, многу деца, а животот во Куќата си течеше мирно со извонредни комшиски односи и солидарност, љубезност, пријателство и почитување. Не паметам ни зрнце лутина или огорченост кај моите, поради ситуацијата во која се нашла фамилијата, па не може да живее во оваа прекрасна Куќа така како што планирал градителот Емил Ж. Рубен.
– Да се потсетиме! Штом ќе се излезе од Куќата и пречекори улицата „Наум Наумовски-Борче“ наместо Фонтаната, почнуваше широка алеја ограничена со прекрасни дрвја, уредени џбунови и многу цвеќе. Тоа беше Главниот влез на паркот кој тогаш водеше директно до Главниот сега стариот и запуштен влез на Зоолошка градина. Лево од влезот, каде што денес стојат таксистите, постојано стоеше по еден двокатен автобус марка „Лејланд“ (Leyland). Тука беше првата и последната станица на линијата бр. 2 – од Парк до Автокоманда и назад. Линијата ја возеа два автобуса. Велам постојано стоеше по еден зашто дури едниот не се вратеше од Автокоманда другиот не поаѓаше. Едниот возеше педесетина минути во двата правца, другиот се одмораше.
Тука беше крајот на „Илинденска“. На местото кај бараките на Општина „Центар“ се ширеше школото за занаети со својот голем двор, а веднаш полево прочуената импозантна „Идадија“ подоцна „Учителска школа“ наслонета на улицата „Орце Николов“. Значи „Орце Николов“ да ти била многу подолга од „Илинденска“, пробивајќи се од Плоштадот до кафеаната „Идадија“, од лева страна и „Учителска школа“, од десната, па преку водната пумпа за пожарните и прскалици од десната страна, па с` до Поштенска гаража од левата, па преку последните дебармаалски куќи од десната и школото „Карпош“, во кое учев, од левата и толку. Крај на Скопје. Школскиот двор беше ограден со жица, а преку жицата – ниви до недоглед. Улицата „Орце Николов“ се престоруваше во селско џаде и одеше до едни далечни осамени куќи.
Отидовме предалеку, ајде да се вратиме во Наше маало, во големиот двор на Занаетчиското училиште. Во дворот имаше едно чудно здание по димензии 5 метра со 3 метра и 3 метра високо, многу чудно, со дупки како мали пештери и тесни ходничиња што ги спојуваат, пештери, каде што децата спокојно можеа да си ги зборуваат (кажуваат) своите тајни, а горе кога ќе се качеше с` беше некако раскршено и со многу дупки во кои горело нешто, па мислевме дека огнот што го горел нештото го растопил и каменот од кој што беше изграден нашиот замок, па замокот ни личи на Саграда фамилија на Гауди, за која тогаш поим немавме дека постои а постоеше ете во нашето маало.
(Продолжува)