На почеток неколку реда мемореми од нашето Југословенско минато и еден мал прилог од книгата „Склеротични мемоари“ од легендарниот Радивое Лола Ѓукиќ. Некаде по ослободувањето Тито на „отпадникот“ принцот Ѓорѓе Караѓорѓевиќ кој не се прославил како престолонаследник и командант, му подарува џип, и наредил да се издвои апанажа и следовање цигари и останати потребштини за неговата канцеларија. Така било на времето.
Но кога принцот Караѓорѓевиќ посакал да го посети Париз барал одобрение да изнесе и да им продаде на Французите една Пикасова слика од сопствената колекција. Александар Ранковиќ тогаш десна Титова рака, му дал одобрение и две илјади долари како подарок од владата – за трошок. Неговото Височество убаво се провело во Париз, но сликата ја вратил. „Море не им ја давам сликата!“
„Битката на Неретва“ спаѓа во корпусот со најамбициозни филмови во поранешна Југославија. Најголемите светски ѕвезди на тоа време, Јул Бринер, Франко Неро и големиот Орсон Велс, им се придружија на актерските легенди од регионот, а плакатот за филмот го нацрта Пабло Пикасо. Пикасо веднаш го прифатил предлогот, па екипата на филмот се испаничила бидејќи морала да смисли како да го исплати Пикасо. Пикасо рекол дека не сака пари, туку побарал сандак со најдоброто југословенско вино, во кој имало 12 шишиња.
Катастрофата која го урна Скопје 1963 како никогаш порано ја разбудила светската солидарност. Бевме деца во тоа време, но останаа засекогаш во нас вид на мемореми, далечни, незаборавни глетки и призори.
Додека траеeшe акцијата за спасување на затрупаните граѓани, а крановите и булдожерите ги креваа блоковите од зградите, помош од целиот свет пристигнувала за да му помогне на разурнатиот град. Откако слушнал за силниот земјотрес кој го погоди Скопје 1963, меѓу првите кои се огласиле за помош етогаш и сега еден од најпознатите светски сликари Пабло Пикасо. Тој го гледал филмот „Скопје 63″, кој во Монте Карло добил награда за најдобар ТВ-филм.
Се соживеал со скопската трагедија и се приклучил на солидарната акција за собирање уметнички дела. Испраќајќи ја својата позната слика „Глава на жена” како дел од солидарната акција за собирање уметнички дела Пабло Пикасо, ја потикнал и видно придонел во големата солидарна акција. Донацијата била личен избор на авторот добиена со посредство на Жан Касу, бивш директор на Националниот музеј за модерна уметност во Париз во 1965 година, од галеријата Лоуис Леирис, којашто беше застапник на неговото творештво.
Сликата е дел од серијата женски портрети, негов омилен мотив кој се провлекува уште од 1932 година, насликана во 1963 година и во кое се присутни кубистичките форми карактеристични за неговото зрело творештво.
Возбудлива и необична сторија започнува есента 1971 година кога на насловните страници на скопските, регионални весници е објавена бомбастичната вест насловена „Украден Пикасо“. Таа вест молскавично се прошири низ светот, а во неа буквално го пишуваше следново: „Главата на жена“ што Пикасо му ја подари на Скопје исчезна мистериозен начи од МСУ, отспротива, преку Вардар од славното Дебар Маало. Сликата, портрет на втората жена на уметникот, Жаклина, насликана во 1963 година, се прославила и станала светски извесна кога на 17.11.1971 била украдена од изложбените сали на постојаната поставка. За кражбата го информирале и Пикасо.
На 26 март 1972 на насловните страници на нашите весници повторно бомбастична вест: „Подарокот од Пикасо на Скопје пронајден“. Веста ја објавила американската новинска агенција Асошиејтед прес. Во неа буквално стои: „Сликата „Глава на жена“ од Пикасо беше пронајдена во средата на аеродромот во Франкфурт, кај петмина луѓе што ѝ припаѓаат на меѓународна група крадци на уметнички дела. Тие се Германци и Југословени. Двајца се притворени, а тројца пуштени“. Сега приказната станува уште позанимлива. Републичкиот секретаријат за внатрешни работи одржал конференција за печат, а по повод оваа конференција, „Нова Македонија“ објавува голем напис, со наслов што ја открива тајната: „Крадецот на Пикасовата слика, студент на Филозофскиот факултет во Скопје!“
Набргу потоа во продукција на МТВ го снимивме филмот насловен „Пикасо“, во кој улогите ги толкуваа Петар Георгиевски – Камиказа, Наташа Влаховиќ, Бранко Ѓорчев, Владимир Ендровски – Љац, Кирил ПопХристов – Кили, Снежана Стамеска, Благоја Чоревски, Дубравка Киселички, Снежана Михајловиќ, Соња Каранџуловска, Александар Шехтански, Катерина Ангелова, извонредниот Д.О.П. Диме Пејовски.
Според проценките на официјалните рејтинг мерења на ЈРТ филмот на програмите го виделе над три милиони гледачи. Неколку сцени од филмот се снимени во Дебар Маало. Многу телефонски јавувања, честитки од пријатели, познати и непознати од сите краеви на нашата поранешна заедница. Еве го и филмот:
Пишува : Аљоша Симјановски