ЛУФТА (работна соба)
Прво почна да луфтира
(демек како увертира)
па после да коментира
Многу ти е задушливо
од книгите и прашливо
(ја поправам: правливо)
ја правливо ја кривливо
многу ти е задушливо
Ми зборуваш за душата
Ти зборувам за гушата
со гуша се диши
со душа се гушиш
Е добро де
да ја задушам
или да ја загушам душава
Море крши глава
ја будала
муабет со тебе правам
Луфтирај ја
и собата и главата
Очигледно имам луфта
главава ми диши
МОКРА
Планина.
А во гепек препек.
И сланина.
Од под карпа вода.
Салва сонце
и нога за нога кроце.
Алва
да заблажиш.
И секако сам.
Зашто рикот кога корне
од петици па до Бога
струполува ангели.
Пелин
горок
да зацели.
Амаро за старо аро.
БАНДЕРЦИЗА
Моја е парола
прво бандерола!
Плати си акциза
зошто совест да те гриза.
Да за Шекспир да за Зола
но читај и бандерола!
Нема нервоуз нема криза
штом подмириш ти акциза.
Ништо малку ништо пола
само цела бандерола!
Битлси и Мона Лиза
има штом има акциза.
И затоа добра душа
мирно капе капка в гуша.
ВАРДАР – ДУНАВ
Штом одвртам чепур
и потече лута вода,
да, од ликот челик сур
ќе заплови поглед бодар.
Од чепурот право в пагур,
наздравје за сефте,
а и мезе, чварки, бунгур,
мора песна, нема муфте.
И не трпам башка уѕур,
стамен, стокмен, светка чифте,
стега учкур златен кубур, –
од мелено месо – ќофте.
Не фаќајте кусур,
нека сомнеж не ве глода.
На немтур му следи бутур,
не си мадар па си модар.
Тече лека како река,
ич не чека мека клека
подобра од девет лека
и од цела апотека.
Секавица светка, сека,
дека нема точка, флека;
читам клека –
библиотека.
Нека, нека, –
за довека!
ИЉАЧ
Пијам ап
нервозен
а апот е стап
по крв грб и нозе.
Пијам бања
медитирам
и во бања клањам
демек здравје збирам.
Пијам физикална
од струја се грчам
една сестра ненормална
пред руда ми трча.
Пијам брља пијам љута
јадам трици и не ќутам
пијам љута бутам
мењачот е дршка крута.
Па затоа не лазете
ми по нерви
уградувам мењач
сосе комплет сервис.
Стихоклепац : Цветан Враживирски