Божиновска–Мелинвуд: Започнува најобемната енергетска обнова на јавните згради досега

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари работна средба со Мелани Мелинвуд, претставник на Француската агенција за развој (AFD), а во врска со реализацијата на Планот за реконструкција на јавните згради – еден од клучните столбови на Реформската агенда на државата.

Фокусот на средбата беше ставен на имплементацијата на Планот за реконструкција на зградите што ги користат институциите на јавниот сектор на државно ниво за периодот 2025–2028 – стратешки документ што поставува јасна, тригодишна рамка за најмасовната и најсистемска енергетска обнова на јавни објекти во земјата досега.

Станува збор за План што веќе е усвоен од Владата по сеопфатен процес на усогласување со вкупно 33 институции, што ја потврдува неговата институционална тежина и стратешко значење за модернизација на јавниот сектор.

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, како носител на оваа стратешка реформа, интензивно работи на обезбедување финансиски средства за реализација на обврските што произлегуваат од Реформската агенда, како и од постојните законски обврски. Согласно законската рамка, секоја година е предвидено да се реконструираат најмалку 3% од вкупната корисна подна површина на јавните згради, при што мерките за енергетска ефикасност се задолжителен и нераздвоен дел од секоја реконструкција, истакнуваат од таму.

На средбата беше истакнато дека во моментов е во подготовка таканаречената scoping студија (студија за определување на опфат), со која детално ќе се утврдат параметрите за рехабилитација и обнова на зградите, како и јасни критериуми за приоритизација на објектите што први ќе влезат во процесот на реконструкција.

Со ова, е нагласено во соопштението, државата прави крупен исчекор кон намалување на потрошувачката на енергија, пониски трошоци за јавниот сектор, подобри услови за работа во институциите и значително намалување на емисиите на штетни гасови, во согласност со европските климатски политики.

„Оваа реформа претставува конкретен чекор кон позелена, поекономична и поодржлива јавна администрација – со директни придобивки за граѓаните и за државниот буџет“.

Scroll to Top