Лукаревска: Во Буџетот нема мерки за раст на платите

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, на комисиската расправа , предложениот буџет го оцени како неконзистентен, нереален и директно штетен за економијата и граѓаните.

Таа нагласи дека буџетот не содржи никакви политики за зголемување на платите, ниту мерки за справување со сè поголемата сиромаштија.

„Цените растат, граѓаните должат повеќе, а примаат исто. Наместо да живеат подобро, тие повторно плаќаат повеќе“, рече Лукаревска.

Таа посочи дека Владата нема стратегија за раст на доходот и нема никакви алатки за да ја сопре инфлацијата, која и понатаму е висока.

„Нема развој, нема реформи, нема повисоки плати, нема мерки за сиромаштијата, има само задолжување, кратење и непродуктивно трошење. Ова е буџет на хартија, без капацитет да донесе подобар живот“, порача пратеничката.

Лукаревска потенцираше дека буџетот што го предлага Владата не е развоен, иако така се претставува пред јавноста.

„Само 9% од вкупните расходи се за капитални инвестиции, додека огромни 91% одат на тековни, непродуктивни трошоци. А, намалувањето на капиталните расходи за 7 милијарди денари покажува дека оваа влада нема капацитет за развој, ниту намера да инвестира во иднината“, посочи Лукаревска.

Таа предупреди дека Владата крати пари токму таму каде што најмногу треба да се инвестира: во животната средина, каде има намалување од 14,1%, што е опасно во услови на загаден воздух и недоволна инфраструктура за отпадни води, во правосудството, со намалување од 48,9% во програмата за владеење на правото, спротивно на сите препораки на ЕУ, во енергетиката, каде нема исполнети реформи, во образованието и науката, со сериозни намалувања додека училиштата немаат учебници и неопходни ресурси.

Лукаревска посочи дека Владата планира огромно ново задолжување од 1,7 милијарди евра нов долг, односно 950 милиони евра преку еврообврзница, 350 милиони евра од странски извори и 400 милиони евра дома.

„Јавниот долг ќе надмине 62%, ниво кое меѓународните институции го сметаат за ризично за ваква економија. Владата ја турка државата во финансиска нестабилност“, нагласи Лукаревска.

Таа укажа и на забелешките на Европската комисија, кои се целосно игнорирани.

„Европската комисија јасно укажува на нереални политики, одложена фискална консолидација, инвестиции ‘на хартија’, слаба реализација на капитални проекти и непродуктивни трошоци. Наместо да ги поправи овие слабости, Владата ги продлабочува“, додаде Лукаревска.

Scroll to Top