Македонија и Унгарија зацврстија стратешка енергетска соработка – делегација на министерството на петта седница на Мешовитиот комитет

Петтата седница на Мешовитиот комитет за економска соработка меѓу Македонија и Унгарија донесе нова димензија на билатералната енергетска соработка, истакнувајќи ја важноста на регионалната стабилност и сигурноста на снабдувањето со енергија.

Делегација на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, предводена од државниот секретар Горан Јовановски, учествуваше на седницата на Мешовитиот комитет, на која се потврдија заедничките стратешки приоритети и заложби во енергетиката. Експертските работни групи од двете министерства за енергетика усогласија стратешки точки кои ќе ја унапредат енергетската инфраструктура, ефикасност и иновации.

Потпишувањето на протоколот кој ги дефинира и заедничките енергетски цели и активности, се одржа како завршен чин на седницата на Комитетот, кој опфати повеќе ресори, со цел да се поттикне регионална стабилност и енергетска безбедност.

Седницата на Мешовитиот комитет ја потврди стратегиската посветеност на двете земји за јакнење на регионалната енергетска стабилност. „ Соработката во енергетиката останува клучен столб на нашите односи. Ја потврдивме важноста на непрекинато снабдување со природен гас, поддршка за инфраструктурни проекти кои ја зголемуваат сигурноста и отпорноста на нашите енергетски системи, препознавајќи дека обезбедувањето на сигурна и одржлива енергетска иднина е заедничка одговорност“, истакна државниот секретар Горан Јовановски
Јовановски и македонската делегација остварија и билатерални средби со претседавачот на Мешовитиот комитет, Петар Старај како и со Петар Холица, заменик државен секретар на Министерството за енергетика на Унгарија, на кои ја зацврстија заедничката заложба за развој на инфраструктурата, подобрување на енергетската ефикасност и модернизација на системите за производство на електрична енергија.

„Размената на добри практики и експертиза во работењето на пазарот на електрична енергија е клучна. Охрабрени сме од напредокот во техничкиот дијалог за геотермална енергија. Модернизацијата на РЕК Битола, со фокус на суви или хибридни системи за ладење, е уште една област каде нашата соработка може да донесе реални придобивки. Продлабочената соработка помеѓу HUPX и MEMO дополнително ќе ја олесни интеграцијата на пазарите, размената на податоци и развојот на капацитетите, промовирајќи транспарентно и ефикасно работење на електроенергетскиот пазар во нашиот регион“ истакна Јовановски.

Scroll to Top