Приходи од продажби
Според единечниот биланс на успех, во периодот јануари – март 2026 година продажбите достигнуваат 3.660.848.825 денари, што е за 6 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година. Вкупните консолидирани продажби, пак, достигнуваат 5.247.063.071 денари, што е за 1 % повеќе во споредба со истиот период од минатата година.
Продажби според региони
Консолидираните продажби остварени на домашниот пазар се зголемени за 18 % во споредба со минатата година. Како докажан партнер на јавното здравство, компанијата активно учествува во обезбедувањето на најсовремени ретки и специфични терапии преку застапување на производите на светски реномирани фармацевтски производители, обезбедувајќи значајна поддршка за здравствениот систем во земјава. Иако профитабилноста на овие програми е ограничена, тие значително го зголемуваат учеството на домашниот пазар во вкупните консолидирани продажби. Од вкупните консолидирани продажби 37 % се остварени на домашниот пазар, додека, пак, 63 % се остварени на странските пазари. Гледано според региони, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 29 %, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) се остварени 20 %, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) се остварени 13 %, а на другите пазари е остварен 1 % од вкупните консолидирани продажби.
Најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со минатата година, бележат продажбите остварени во Казахстан, каде што се зголемени 20-пати, потоа во Велика Британија, каде што се зголемени 2,4-пати, како и во Чешка каде што продажбите се зголемени 2,3 пати. Потоа следуваат оние во Грузија (раст од 95%), Косово (раст од 39 %), во Грција (раст од 38 %), Полска (раст од 34 %), итн.
Продажби според групи производи
Гледано според групи производи, во структурата на вкупните консолидирани продажби најголемо учество заземаат производите од сегментот фармација, и тоа 93 %. Од нив поголем удел имаат антибиотиците со 21 %, препаратите ОТЦ со 19 %, невролошките препарати со 13 %, кардиолошките препарати со 11 % од вкупните консолидирани продажби итн. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 7 % во вкупните консолидирани продажби, поточно хемија учествува со 2 %, козметика со 4 %, а билкарство учествува со 1 %.
Инвестиции
Вкупните инвестиции во основни средства во периодот јануари – март 2026 година изнесуваат 486.313 илјади денари, што претставува раст од 89% во однос на истиот период од претходната година. Речиси половина од вкупните инвестиции се однесуваат на вложувања реализирани преку поврзаното друштво АЛКАЛОИД ЕНЕРГЕТИКА ДООЕЛ, насочени кон изградба и развој на фотоволтаични капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Резултати од работењето
Единечната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА), која изнесува 837.272.265 денари, бележи зголемување од околу 12 %, додека, пак, единечната нето-добивка изнесува 475.481.780 денари и е зголемена за 17 %. Консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) достигна 993.129.751 денари и бележи раст од 7 %, додека, пак, консолидираната нето-добивка во износ од 515.611.777 денари е зголемена за 5 %.
Вработени
Во периодот јануари – март 2026 година во АЛКАЛОИД АД Скопје се реализирани 28 нови вработувања во РС Македонија. Со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје, во февруари 2026 година е одобрен и исплатен регрес во висина од 47.000 денари нето-износ за користење годишен одмор за вработените во компанијата. Групацијата АЛКАЛОИД брои 3.027 вработени, од кои 2.223 се во земјава, а 804 се вработени во капитално поврзаните друштва во странство.
Податоци за акциите
Акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје котираат на официјалниот пазар на Македонската берза за хартии од вредност од 2002 година и важат за едни од најтргуваните и најликвидните акции на Берзата. Цената на акцијата во периодот јануари – март 2026 година се движеше од 24.700,00 до 27.300,00 денари или просечно 25.249,85 денари за една акција. На 31.03.2026 година акциите на АЛКАЛОИД АД Скопје беа во сопственост на 6.532 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата изнесуваше 36 милијарди денари.
На 30 март 2026 година, на Годишното собрание на акционерите, е одобрена пресметка и исплата на бруто-дивиденда за 2025 година во износ од 1.030.574 илјади денари. Во согласност со дивидендниот календар, во мај 2026 година ќе започне исплатата на дивидендата во износ од 720 денари бруто, односно 648 денари нето за една акција. Дивидендата од акција за 2025 година е поголема за 14,3 % во однос на исплатената дивиденда од акција за 2024 година.
Бизнис-план за 2026 година
Бизнис-планот за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на АЛКАЛОИД АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8 % од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7 % на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7 % на консолидираниот профит во однос на 2025 година.
Остварените резултати во првиот квартал од 2026 година се во согласност со планираната динамика на реализација на бизнис-планот. Во наредниот период се очекува кумулативните пласмани на домашниот и на странските пазари да ги надминат минатогодишните остварувања.
Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот.
Очекувања за претстојниот период
Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжува и во 2026 година. Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, а неизвесноста и натаму останува изразена. Друштвото е изложено на каматен ризик главно по основ на краткорочните и долгорочните кредити, при што истиот континуирано се следи и се управува преку директни преговори со банките, без значајни осцилации кај каматните стапки.
Воедно, глобалните безбедносни кризи, вклучително и ескалацијата на конфликтот поврзан со Иран, дополнително го отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста. Овие случувања имаат значително влијание врз глобалните енергетски пазари, предизвикувајќи пораст и зголемена волатилност на цените на енергенсите, што создава дополнителни инфлаторни притисоци и тешкотии во синџирите на испорака, како и ризици во однос на достапноста на одредени суровини и материјали. Дополнително, потенцијалниот ризик од продлабочување на глобалните трговски тензии може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме соодветни мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.
Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите. За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти.
(ПР)







