Божиновска на Евроазиски економски самит во Истанбул: Македонија дел од глобалната дебата за енергетска безбедност и новиот светски поредок

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествува на 29. Евроазиски економски самит во Истанбул, Турција.

Годинешниот Евроазиски економски самит се одржа под мотото „Global Responsibility – The Post-War World with War, Terrorism, Conflict, and Involuntary Migration“, а во фокусот на дискусиите беа глобалната енергетска безбедност, новите геополитички односи, климатските предизвици, недостигот на вода и зеленило, како и економските и социјалните последици од светските конфликти и миграции. Самитот во Истанбул собра политички лидери, министри, дипломати, академици, претставници на бизнис секторот и граѓански организации од повеќе континенти, со цел отворање нов дијалог за поодржлива, постабилна и покооперативна иднина.

Божиновска заедно со актуелни и поранешни министри, европски политички лидери, дипломати и претставници на меѓународни институции од Европа, Азија и Блискиот Исток се обрати на панел на тема „Energy and Economy in the Post-War World alongside War, Terror, Conflict and Forced Migration“.

Во своето обраќање, Божиновска истакна дека во услови на глобални кризи, енергетиката повеќе не е само економско прашање, туку прашање на безбедност, стабилност и стратешка отпорност на државите.

„Изолацијата не е стратегија. Соработката е“, порача министерката, нагласувајќи дека Северна Македонија активно работи на диверзификација на енергетските извори, регионално поврзување, инвестиции во обновливи извори и модернизација на енергетската инфраструктура.

Посебен акцент во обраќањето беше ставен на регионалната енергетска поврзаност на Балканот, која, според Божиновска, денес претставува геополитичка неопходност, а не само инфраструктурно прашање.

Министерката нагласи и дека зелената транзиција мора да биде реална, праведна и социјално одговорна, без создавање енергетска сиромаштија и нови економски нееднаквости, особено за земјите во развој и транзиција.

„Зелената транзиција не може да успее ако создава енергетска сиромаштија и ги продлабочува нееднаквостите. Потребна е транзиција што ќе биде истовремено и одржлива и праведна“, истакна Божиновска.

Таа се осврна и на важноста од регионална соработка, стабилни партнерства и забрзана интеграција, потенцирајќи дека малите држави не смеат да бидат пасивни набљудувачи на глобалните промени, туку активни учесници во нивното обликување.

Scroll to Top