Димитриеска-Кочоска: Координациска средба со директорите на УЈП и Царина- Внимателно ги следиме движењата на реализација на Буџетот

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска денеска оствари работна средба со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова и директорот на Царинската управа Бобан Николовски, на која беше разгледана тековната реализација на Буџетот, со посебен фокус на наплатата на приходите и движењата кај одделните даночни категории.

На средбата беше констатирано дека реализацијата на Буџетот се одвива во рамки на планираната динамика и дека во овој момент нема позначајни отстапувања ниту на приходната ниту на расходната страна.

Министерството за финансии, во координација со Управата за јавни приходи и Царинската управа, продолжува внимателно да ги следи движењата и реализацијата на буџетските приходи.

„Буџетот се реализира согласно планираната динамика. Заедно со УЈП и Царинската управа детално ги следиме приходите и сите движења што можат да имаат влијание врз нивната реализација. Во овој момент нема позначајни отстапувања од планираното, но остануваме внимателни и навремено ќе реагираме доколку состојбите го наложат тоа“, кажа министерката Димитриеска-Кочоска.

Податоците за реализацијата на Буџетот заклучно со август покажуваат дека вкупните приходи изнесуваат 230,6 милијарди денари, односно 60,77% од планираните приходи, при што бележат раст од 8% во однос на истиот период минатата година.

Даночните приходи во првите осум месеци се реализирани во износ од 131,5 милијарди денари, што претставува раст од 8,2% на годишно ниво. Раст е забележан кај главните даночни категории – приходите од данокот на добивка се повисоки за 19,9%, од данокот на личен доход за 10,9%, од ДДВ за 10,6%, додека увозните давачки бележат раст од 9,7%.

Кај акцизите е евидентирано одредено отстапување, поврзано и со мерките што Владата ги презеде за ублажување на влијанието од кризата со нафтените деривати. Движењата во оваа категорија и понатаму внимателно ќе се следат.

На расходната страна, во периодот јануари–август се реализирани 268,9 милијарди денари, односно 63,15% од планираните расходи.

На средбата беше истакната важноста од континуирана координација меѓу Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа како институции со клучна улога во обезбедувањето на буџетските приходи. Во наредниот период ќе продолжи редовното следење на реализацијата на Буџетот и на економските движења, врз основа на што ќе се носат одлуки за евентуални приспособувања на расходната страна.

Министерството за финансии останува посветено на одговорно управување со јавните финансии, навремено сервисирање на обврските и обезбедување стабилност на Буџетот, со приоритет на заштитата на граѓаните и стопанството.

Scroll to Top